
Николоски: Преговараме со „Визер“ да ја отвори линијата Будимешта – Охрид
Преговараме со „Визер“ да ја отвори линијата Будимпешта – Охрид. Сметаме дека таа авиолинија е поатрактивна бидејќи охридското крајбрежје има што да понуди за туристите. Во меѓувреме развиваме нов модел на привлекување нови авиолинии и сметаме дека тој модел ќе донесе најмалку десет, а потенцијално и дваесет нови дестинации, рече вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски во интервју за Радио „Лидер“.
Препорачано
Според Николоски, сегашниот модел на субвенции на патници во доаѓање дава резултати, како што вели, има десет нови линии за неколку месеци. Со новиот модел се планира да се зголемат субвенциите.
-Со луѓето од министерството работам на нов модел, не сакам да ветувам, но мислам дека ќе донесе најмалку десет, а потенцијално и до дваесет нови дестинации за краток временски период. Со моделот сакаме да ги зголемиме субвенциите. Во моментов плаќаме по патник во доаѓање за некој што би слетал во Скопје по 9 евра, а некој што би слетал во Охрид плаќаме по 12 евра. Подготвени сме да одиме нагоре под услов компанијата да отвори најмалку 10 дестинации во исто време, но да го довршиме, па ќе зборуваме за ова – рече вицепремиерот Николоски.
Будимпешта – Скопје, како што додаде тој, беше единствената линија за која Визер добивала субвенции.
– Субвенциите завршија, за жал бројот на патници е мал и затоа таа линија се укина. Ние разговараме со компанијата Визер, бидејќи најголемата база им се наоѓа во Будимпешта, да отворат линија за Охрид. Мислиме дека ќе биде поатрактивна бидејќи туристичкиот потенцијал е далеку поголем, а во однос на комерцијална смисла, Будимпешта не беше атрактивна за Скопје бидејќи има две поблиски дестинации, Виена и Братислава кон коишто се лета од Скопје, а од Македонија нема толку патници да се опслужуваат во радиус од два часа на три аеродроми – објасни вицепремиерот Николоски.
Тој потенцираше дека чартер летовите на „Фрибирд ерлајнс“ се силен инпут за зголемување на авиосообраќајот, а со тоа и директно за туризмот бидејќи секојдневно на скопскиот аеродром слетуваат по најмалку 180 туристи. Се планира, според вицепремиерот Николоски, најмалку два чартери дневно да слетуваат на охридскиот аеродром.
-Амбицијата е следната година најмалку два авиони да слетуваат во Охрид, што значи дека секој ден ќе имаме по двесте нови туристи. Тие остануваат по најмалку четири дена, што значи дека имате по 800 туристи во охридското крајбрежје во неатрактивни месеци кои ги полнат хотелите, рестораните и чаршијата. Голем инпут е и „Туркиш ерлајнс“, број еден авиокомпанијата во светот, лета од најголемиот аеродром во Европа за Охрид. Така што на охридскиот аеродром драстично се гледа разликата – рече вицепремиерот Николоски.
Како што посочи, имаме конекции кон 64 дестинации, од кои 56 од скопскиот и 8 од охридскиот аеродром, што, потенцираше, е сериозен успех на Владата и концесионерот ТАВ.