Никола Мишковски од „Брза кујна“: За да станеш врвен готвач, треба да поминеш многу скали

приватна архива

На јавноста ѝ е познат од кулинарското шоу „Брза кујна“ каде што секој ден со колегата Марк Де Јонг и со гостите ги покажуваат кулинарските вештини. Но, тој е познат и надвор од границите на Македонија каде што неколкупати се докажа како врвен готвач освојувајќи многу награди.

Никола Мишковски зад себе има долги години работно искуство како готвач, професија што вели дека со задоволство и голема љубов ја работи. Оваа професија освен награди и признанија во неговата бранша му ја донесе и љубовта со Стефанија, со која е во брак и го очекува второто дете. Како што вели самиот, и кога е дома знае да зготви нешто ако тоа му го дозволуваат обврските и времето, ако се најават гости, но најчесто таа обврска ѝ ја препушта на сопругата, која подготвува вкусни топли домашни оброци.

приватна архива

Со сопругата Стефанија ја имате ќеркичката Дарија, а како што ми кажавте, очекувате второ дете. Пред две години споделивте фотографии од вашата венчавка. Како се случи вашата љубовна приказна?

– Никогаш не знаеш каде ќе те однесат животните патишта. Кратко се познававме пред да ни се случи љубовта. Уште од првите мигови кога решивме да преминеме во нешто повеќе од пријатели, знаевме дека можеме да бидеме силна поддршка еден на друг. Нашата приказна е спонтана и брза. За кус временски период заедно поминавме низ многу моменти, патувања, свадбена забава и дете. И благодарение на пандемијата која ни овозможи повеќе време дома со семејството, се решивме и за второ дете.

приватна архива

– Го имате и синот Дарин од првиот брак, дали тој покажува афинитети за кулинарство?

– Сè уште е мал за да дадам конкретен одговор. Дарин сега е на возраст кога покажува интерес за разни спортови како пливање, фудбал, дури и за свирење гитара. Но, како секое денешно дете слободното време најмногу сака да го поминува играјќи на таблет или телефон. Како помал, кога не ја познаваше технологијата, повеќе сакаше да биде со мене во кујна и заедно да подготвуваме некои негови омилени оброци. Како расте, неговите интереси полека се менуваат.

– Споменавте дека пандемијата Ви овозможила повеќе време со семејството. Дури и „виновна“ е за второто дете што го очекувате. Но, колку и што Ви „одзеде“ минатата корона-година?

– Многу работи се сменија во текот на минатата година. Како сите луѓе, она што најмногу ми недостасува е пред сè социјализацијата и оддалечениот контакт со многу луѓе и пријатели. Многу мои планови се сменија. Идеите кои имав на ум да ги исполнам, едноставно останаа за во иднина, кога би се вратиле на нормалното функционирање. Се надевам дека брзо ќе се заврши, ако не повеќе барем да научиме подобро да функционираме во целава ситуација.

„Тартар“/приватна архива

– Што значи да се биде врвен готвач и дали Ви пречи кога ќе видите дека секој аматер што зготвил неколку јадења, се нарекува врвен готвач (шеф)?

– За врвен готвач, треба да поминеш многу скали. Желбата да станеш готвач е првиот степен, кој те подготвува за голема пожртвуваност, склоп на знаење и уметност во едно. Од обичен помошник, кој во себе имал голема желба да научи повеќе, преку разни натпревари, семинари, менување работни места, колеги, дојдов она што сум денес. За жал, ситуацијата кај нас промени многу работи во нашата професија. Направи да сме дефицитарен кадар, што им овозможи на многу млади готвачи да го преценат својот труд. Од една страна, им завидувам што не сум можел како нив да искористам за кратко време да добијам титула, но од друга страна ги сожалувам, бидејќи нивното кратко искуство ќе биде голем проблем кога ќе се најдат пред некој тежок предизвик.

– Да имате можност, покрај кој светски готвач би сакале да работите во кујна?

– Има многу светски готвачи на кои им се восхитувам, но за мене тоа се само имиња кои се недопирливи и од кои не може да се научи многу. Засега имам желба, која сметам дека не е тешко остварлива, а тоа е некогаш да готвам со Филип Митевски. Тој за мене е уметник, кој знае од храната да направи уметничко дело, како „Пикасо во кујната“. Да изгледа складно добро и вкусно. Благодарение на онлајн мрежите, денес со него сме во контакт и често си менуваме совети, па и се критикуваме конструктивно.

„Велингтон“/приватна архива

– Во „Брза кујна“ подготвувате неколку јадења за време од 20 минути. Колку е вистинско времето, со оглед дека се снима емисијата, па се прават грешки, се стопира снимањето итн.?

– Истото прашање ни го поставуваат гостите и ним не им се верува дека за толку кратко време готвиме. Се прават грешки во снимањето, но тоа не значи дека времетраењето за готвење ќе се продолжи. Некогаш јадењата не излегуваат како што сме замислиле, но благодарение на искуството што го имаме со Марк, знаеме да се снајдеме и да се поправиме во последен момент.

– Постои ли некој производ што никогаш не го донесле гостите, а Ви е предизвик да го зготвите за толку кусо време?

– Бидејќи гостите имаат буџет за пазарување, немаат голем избор во избирањето шест производи кои ќе ги донесат. Многу производи веќе ми се здосадени да ги приготвувам, но сепак изборот не може секогаш да е многу голем. Би сакал да донесат дроб од патка, свежи морски риби, шкампи, јастог, аспарагус, квалитетно белгиско чоколадо, но тоа би го надминало дозволениот буџет. Можеби како предизвик за готвење оброци во рок од 20 минути, а воедно не скап производ е јагнешки мозок.

приватна архива

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот