EPA/GEORGI LICOVSKI

Никола Ѓоргиев, кариера за восхит: Рапид Букурешт е 12. странски клуб на Македонецот

Блескавата дводецениска меѓународна клупска кариера на капитенот на македонската одбојкарска репрезентација продолжува во Романија, во Рапид Букурешт. Никола над 20 години игра на високо меѓународно ниво, во секој негов клуб е меѓу клучните играчи, неговите индивидуални и клупски трофеи тешко можат да се избројат…

Никола Ѓоргиев (37), најдобриот македонски одбојкар, потпиша договор со романскиот клуб Рапид Букурешт и ќе ја продолжи долгата кариера, полна со успеси, трофеи и награди, на клупски, индивидуален и на репрезентативен план. Во Романија тој доаѓа од Туршад, Турција.

Капитенот на македонската репрезентација е вистински куриозитет и пример за тоа дека спортист може да игра на највисоко европско ниво долго време, ако правилно ја балансира својата кариера и форма.

Ретки се одбојкарите кои и на одмината спортска возраст можат да играат на највисоко ниво и да одржуваат константа на врвни перформанси, како Никола. Ѓоргиев својот нов ангажман го објави преку социјалните мрежи.

– Во мојата 21. меѓународна сезона ќе играм за Рапид Букурешт, Романија. Тоа ќе биде мојата деветта земја во странство и едвај чекам да се сретнам со сите играчи, персонал, навивачи и да се обидам да донесам трофеи за овој неверојатен клуб – изјави Ѓоргиев.

Рапид посакува трофеј

Навистина се работи за неверојатен клуб, со највредни трофеи, но кому одамна не му цутат рози, па со помош на Македонецот му растат апетитите за нов успех. Рапид е трикратен шампион во Лигата на шампионите, но последен пат во 1964/1965 година. Последна титула во домашното првенство за Рапид, од вкупно 11, е во 1965/1966. Последниот трофеј на овој клуб е титулата во домашниот куп во 2024. Минатата сезона Рапид беше седмопласиран во Романија.

Рапид е дури 13. клуб во долгата и успешна професионална кариера на Никола, а 12. во странство. Извонредниот коректор своето долго професионално патување во одбојката го почна во својата Струмица, а потоа две сезони од 2007 до 2009 година играше во Раднички Крагујевац, Србија.

фото: ACH Volej Ljubljana

Децении на највисоко ниво

Никола веќе 20 сезони постојано игра во странство, во земји каде што одбојката е на највисоко ниво: Србија, Италија (Форли), Турција (Мили Пјанго, Беледиеспор, Туршад), Франција (Париз волеј), Јапонија (Торај ероус, Сакаи блејзерс), Полска (ОНИКО Варшава), Германија (Фридрихшафен), Словенија (АЦХ Волеј, Љубљана).

Не само што игра, Никола, во секој од досегашните клубови е еден од клучните играчи. Тој е играчот што прави разлика, што носи трофеи.
Главен играч е и во македонската репрезентација, со која моментно се подготвува за последните два дуела од Квалификациите за ЕП 2026, кај Грција на 13 август и со Грузија дома на 17 август.

Клупски трофеи на Ѓоргиев

Шампион во првенствата на Србија 2009, на Јапонија 2017, на Словенија 2022, 2023, 2024, освојувач на Купот на Србија 2008, победник на Царскиот куп Јапонија 2017, победник на Купот на Словенија 2022, шампион на МЕВЗА средноевропската лига 2022, вицешампион на Франција 2015, вицешампион на Србија 2008…

Индивидуални клупски награди

МВП награди во првенствата на Србија 2008, 2009, на Франција 2015, на Јапонија 2017, на Словенија 2022. Најдобар поентер во Србија, Турција и Франција. Најдобар сервер во Србија и во Турција…

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот