Jonathan Jacob Meijer, the compulsive sperm donor known to have hundreds of children (Netflix)

Никогаш не сум донирал сперматозоиди во Македонија и тука немам деца, вели за „Слободен печат“ човекот со илјада деца, од документарецот на Нетфликс

„Никогаш не сум донирал сперматозоиди во Македонија и немам деца во оваа држава“, тврди за „Слободен печат“ Џонатан Џејкоб Меијер, човекот кој се етаблираше во светски рамки како сериски донор на сперма благодарение на новиот документарец на „Нетфликс“ – „Човекот со 1.000 деца“ (The man with 1.000 kids).

Нашето прашање следуваше поради тоа што приватна болница во земјава, имала потпишано договор за соработка со најголемата лиценцирана банка за сперматозоиди „Крајос“ од Данска (CRYOS) и со материјали од оваа банка спроведувала асистирано оплодување. Токму во оваа банка за сперматозоиди која е најголемата донорска база на сперматозоиди во светот, Меијер донирал многу пати.

Документарниот филм го проблематизира ова, затоа што Меијер бил сериски донор, кој станал биолошки татко на над 550 деца низ различни континенти преку донирање сперма во барем 11 банки во Холандија (со популација од 17 милиони жители), а спроведувал и приватни донации во домовите на заинтересираните семејства.

Семејствата презентирани во документарниот филм објаснуваат дека е незаконски да се има повеќе од 25 деца во Холандија, но дека Меијер ги доведувал во заблуда и не ги известувал за тоа дека веќе ја надминал таа бројка и тоа многукратно.

Според документарниот филм, биолошките деца на Меијер се во Србија, Франција, Австралија, Украина, Мексико, Кенија и други држави.

Од банката за сперматозоиди CRYOS за „Слободен печат“ велат дека не можат да откријат со кои болници во Македонија соработуваат, ниту сега ниту во минатото.

– Материјалот од донорот за кого прашувате, никогаш не беше пратен во Северна Македонија. За жал, тој успеа да донира во повеќе банки за сперма, вклучително и во „Cryos International“.

Кога тој стана донор во „Cryos“, ниту ние, ниту јавноста знаевме дека веќе донирал во неколку други банки за сперматозоиди. Секој донор на „Cryos“ потпишува договор во кој се наведуваат две работи – дека донира ексклузивно за „Cryos International“ и дека нема донирано претходно на друго место и дека нема да донира во иднина.

Кога станавме свесни дека го прекршил договорот, веднаш ја отстранивме објавата за неговата сперма од нашата веб-страница и таа веќе не е достапна. „Cryos International“ секогаш се придржувал до сите национални и меѓународни закони и продолжува да го прави тоа. Се обидуваме да ја ограничиме употребата на еден донор за максимален број од 25 до 50 семејства во светски рамки.

Донорот од документарниот филм е под оваа граница, кога станува збор за материјал испратен преку нашата банка, вели за „Слободен печат“ Ласе Рибергорд Расмсе, портпарол на „Cryos International“.

Според наведеното во документарецот, сериските донори на сперматозоиди како Меијер претставуваат сериозен ризик, поради можноста да имаат стотици деца кои ги делат истите гени. Светските медиуми, како и документарниот филм на Нетфликс ја посочуваат опасноста од инцест, а опасноста е особено голема во Холандија, каде што Меијер направил бројни донации на мал простор.

Три од неговите биолошки деца оделе во иста градинка, според магазинот Тајм.

Според холандските медицински правила, еден донор може да биде татко до 25 пати, за да се одбегне инцест и физиолошки проблеми. Но, да се оди над таа бројка, сепак, не било кривично дело во 2023 година.

Во 2017 година Меијер добил забрана од Холандската агенција за гинекологија и акушерство да донира сперматозоиди. Шест години подоцна, во април 2023 година, тој загубил граѓанска парница од фондацијата Доноркинд.  Холандскиот суд му наложил на Меијер да престане да донира сперматозоиди, а во спротивно, дека ќе треба да плати 100 илјади евра по донација како глоба. Исто така, како што се наведува во документарниот филм на Нетфликс, неговите сперматозоиди донирани во различни банки ширум светот, судски бил задолжен да побара да се уништат. Дали се уништени е непознато.

Точниот број на деца кои се добиени со помошта на Меијер е непознат. Ив Вајли, активистка од САД за спречување на измами со асистирано оплодување во документарецот вели:

„Во случајот кога Џонатан одел во „Cryos International“, тој одел во Копенхаген четири дена месечно, во текот на четири години. Тоа се приближно 200 донации и може да добиете 15 сета од една ејакулација. Ако од секоја од нив се создаде бебе, тоа може да се 3.000 потенцијални деца. Тоа е само една банка за сперматозоиди, а знаеме дека бил барем во 11 банки.“

Самиот Меијер во одговорите на прашањата на „Слободен печат“ вели дека правилата на секоја голема интернационална банка за сперматозоиди се да не ги информираат примателите и донорите за бројот на деца кои ќе се создадат од еден донор.

– Донорите и банките за сперматозоиди не се обврзани со закон да ги информираат родителите за бројот на деца кои ќе бидат зачнати со помошта на донорот – ни рече тој.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот