Фото/МИА - Слободен печат/Колаж: Слободен печат

Ни Данела Арсовска, ни Косана Мазнева не ги пријавиле „мафијашите иселени во Германија што земаат плата од Комуналец“ ни во МВР ни во Обвинителство

Во понеделникот на заедничка прес-конференцијата на градоначалничката на Скопје Данела Арсовска и директорката на „ЈП Комунална Хигиена“ Косана Мазнева, кажано беше дека во „Комуналец“ откриени биле луѓе што се на платен список во Комуналец, односно земаат плата фиктивно, а трајно се иселени во Германија.

Меѓутоа, од проверките што „Слободен печат“ ги направи во Министерството за внатрешни работи и Јавното Обвинителство, излегува дека во ниедна од овие клучни институции за истражување на криминал од такви размери – нема таква пријава, ниту од градоначалничката на Скопје Арсовска, ниту од директорката на „Комуналец“ Мазнева.

„Ретко кој се осмели и имаше храброст да пренесе дека фативме луѓе кои што пет години седат во Германија, во Швајцарија, трајно се иселени и земале плата. Не се прашувате како се случувало тоа? Не покренувате како јавност, дали имаат одговорност овие лица?“ се обрати градоначалничката Арсовска, откако претходно ја пофали директорката Косана Мазнева дека успешно се справила со кризата предизвикана од бунтот на вработените и откако Скопје три дена тонеше во ѓубре.

Но, ниту градоначалничката Арсовска, ниту директорката на „Комуналец“ Мазнева, немаат пријавено ниту во МВР, ниту во Обвинителството вакви случаи на трајно иселени лица кои фиктивно добивале плати од „Комуналец“, а живееле во странство.

Тоа официјално ни го потврди и МВР и Обвинителството.

„Во однос на вашето барање ве известуваме дека по извршените проверки констатирано е дека во Министерството за внатрешни работи нема пристигнато пријава со тие наводи“, ни одговорија од МВР на прашањето дали некој им пријавил за лица трајно иселени, а кои фиктивно земале плата од „Комуналец“. Од Обвинителството добивме ист одговор. „До овој момент, до ОЈО Скопје не е доставена пријава со таква конкретна содржина. Доставени се неколку пријави поврзани со случувањата во наведеното јавно претпријатие и наводите веќе се проверуваат. ЈО ги поттикнува институциите надлежни за откривање кривични дела да извршат проверки и да достават соодветни поднесоци за сите кривични дела што притоа ќе ги откријат. Исто така, и самите претпријатија доколку констатирале незаконитости во работењето, се должни тоа да го пријават до надлежните органи“, велат од ОЈО за „Слободен печат“.

Ниту од кабинетот на Арсовска, ниту од службата за односи со јавност на „Комуналец“ не добивме одговори каде Арсовска и Мазнева ги пријавиле фиктивните вработени кои наводно живеат во странство, а во „Комуналец“ се на платен список од буџет кој се финансира со парите на граѓаните.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот