
Независниот полициски синдикат со претставки за судии и најави за протест
Независниот синдикат на полицијата поднесе претставка пред Судскиот совет против четворица судии, двајца од Основниот граѓански суд во Скопје, Бесник Авдија и Гордана Билеска и двајца судии од Апелациониот суд во Скопје, Санде Зиков и Мери Дика. Доколку нема позитивен исход од претставката за 30 дена од денес најавуваат протест кој ќе започне од пред судовите, а ќе заврши пред Судскиот совет.
Препорачано
Претседателот на НСП, Мартин Ефремов тврди дека судиите со цел да се умилкуваат на политиката ја менуваат судската пракса од Апелациониот суд во Битола и Гостивар кои потврдуваат и досудуваат дека полициската плата е под минималната. Всушност тој тврди дека овие судии после „кафе пиење“ во Министерството за внатрешни работи почнуваат да ги одбиваат предметите во граѓанска постапка, како и во второстепена постапка во Апелациониот суд.
-Оваа претставка доаѓа по работниот состанок на тема „Справување со предизвиците од судските постапки“ кои го имаа на 9.04.2025 во МВР со претставници од Министерството и Државниот правобранител кои се странка во постапките кои ги водат вработените против МВР. Сметаме дека после овој состанок судиите не можат повеќе да се гледаат како независни и непристрасни и бараме нивно изземање од сите судски предмети кои тие ги водат, а во кои МВР се јавува како странка. Плаата на полициските службеници е составена од основна плата и зголемување од 20 односно 30 проценти. Основната плата согласно Законот за минимална плата не може да биде под минималната плата во државата и нема да дозволиме со ниту едно политичко умилкување да биде поинаку досудено – изјави Ефремов.
Тој вели дека Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски имаат одлична соработка, а вината ја гледа кај судиите.