
Нетанјаху е лут на сојузниците кои ја признаа Палестина
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху брзо го осуди признавањето на палестинската држава од страна на многу историски сојузници на Израел и размислува како да ја преточи својата реторика во конкретни одговори. Сепак, како што објавува „Гардијан“, неговите опции може да бидат поограничени отколку што би сакал неговите поддржувачи да веруваат.
Препорачано
Нетанјаху постојано се заканува со анексија на окупираните палестински територии и билатерални дејствија против земјите што ја признале Палестина.
Но, формалното преземање на дел или на целиот Западен Брег би го загрозило Абрахамовиот договор, историски договор што ги нормализираше односите со регионалните сили, вклучувајќи ги и Обединетите Арапски Емирати.
Овој договор беше можеби најзначајниот успех во надворешната политика на првата администрација на американскиот претседател Доналд Трамп, што беше споменато и во номинациите за Нобеловата награда за мир, која Трамп отворено ја посакува, а е и едно од клучните достигнувања на самиот Нетанјаху.
ОАЕ, еден од нивните најважни партнери, веќе изјави дека анексијата е „црвена линија“ и дека пропаѓањето на договорот би значело висок ризик од отуѓување на најважниот сојузник на Нетанјаху.
Израел минатата година билатерално им одговори на Ирска, Норвешка и Шпанија кога тие ја признаа палестинската држава, вклучително и со повлекување на амбасадорите.
Израелски дипломати за „Гардијан“ изјавија дека сега ќе биде многу потешко да се стори истото, откако многу клучни сојузници ја признаа Палестина, и дека тоа би можело да биде многу штетно за Израел.
Тоа би го забрзало патот на Израел кон изолиран статус на „супер-Спарта“, што Нетанјаху триумфално го објави минатата недела, а потоа се повлече по јавниот протест и економските предупредувања.