
(Не)среќни во љубовта: Повторно е оштетена бронзената статуа на Шекспирова Јулија во Верона
Бронзената статуа на книжевниот лик Јулија од трагедијата „Ромео и Јулија“ на Вилијам Шекспир е повторно оштетена, јавуваат светските медиуми.
Препорачано
Статуата се наоѓа под балконот во малиот двор каде, според драмата на Шекспир, Ромео ѝ се додворувал на Јулија. Стотици луѓе секојдневно го посетуваат местото и ѝ ги допираат градите на Јулија, ритуал за кој се верува дека носи среќа во љубовта, пишува „Гардијан“.
Британскиот весник пишува дека потта од рацете на туристите направила мала дупка на градите на Јулија.
Ова е вторпат статуата да биде оштетена поради голем број допири. Пред 10 години, оригиналната статуа, која стоеше во дворот повеќе од 40 години, беше заменета со копија вредна 15.000 евра.

Бронзената статуа беше во центар на контроверзност во декември минатата година, кога директор на училиште во Тоскана го нарече ритуалот на допирање гради „сексистички“.
Оштетената статуа мора да се санира, во тоа нема сомнеж, напиша новинарот Енрико Феро на локалната веб-страница за вести – „Ил Матино ди Падова“.
„Мораме да размислиме за иднината. Дали е правилно да продолжиме да им дозволуваме на туристите да ги допираат градите на Јулија? Или посоодветно е да се прифати аргументот на директорот кој смета дека е сексистички?“.

Давиде Албертини, потпретседател на Здружението на бизнисмени од областа, предложи статуата да се постави повисоко.
„Исто така, можеби би ставил поштенско сандаче под статуата за да ги чува писмата од љубовниците. Можеби тоа би бил поромантичен ритуал“, изјави тој за еден локален весник.
Дворот е веднаш до „Куќата на Јулија“ („Casa di Giulietta“), реновирана зграда од 13. век, која некогаш му припаѓала на благородничкото семејство Дел Капело, за кое локалното население верува дека го инспирирало измисленото семејство Капулети на Јулија во делото на Шекспир. Балконот бил додаден на зградата во 20. век.
Денес, „Куќата на Јулија“ е музеј со колекција на слики, ренесансни костими и креветот прикажан во филмската адаптација на драмата на Шекспир на Франко Зефирели од 1968 година.