
Необично истражување: Вистинските уметнички дела во музеите го стимулираат мозокот десетпати повеќе од копиите
Вистинските уметнички дела во музеите го стимулираат мозокот десетпати повеќе од гледањето репродукции на исти дела. Ова го покажа невролошката студија на холандски научници.
Препорачано
Истражувањето беше нарачано од холандскиот музеј „Маурицхејс“ во Хаг, дом на познатото дело „Девојката со бисерна обетка“ на Јоханес Вермер, а студијата користеше технологија за следење на очите и магнетна резонанца за да ја сними активноста на мозокот на волонтерите кои гледаа оригинални уметнички дела и копии, објави „Гардијан“.
Научниците открија дека 20 волонтери имале одговор кој бил десетпати посилен кога гледале вистински уметнички дела за разлика од копии.
Мартинe Госелинк, директорката на музејот, изјави дека пред студијата била убедена во моќта на вистинско уметничко дело, но дека сакала таа претпоставка да биде официјално потврдена.
„Сите ја чувствуваме разликата, но дали е мерлива, дали е реална? Денеска можеме да кажеме дека тоа е вистина“, изјавила таа.
Мартин де Муник, ко-основач на Институтот за истражување на невроника, кој го спроведе истражувањето со други специјалисти за неврологија, рече дека студијата има два елементи.
Волонтерите, на возраст меѓу 21 и 65 години, беа прикачени на електроенцефалограм (ЕЕГ) скенер за мозок и опрема за следење на очите и гледаа во пет слики во музејот, плус постери во музејската продавница. Истражувачите користеле и магнетна резонанца (МРИ) за да ги набљудуваат ефектите од сликите на вистинските дела во споредба со репродукциите.
„Ако сакате да знаете што мислат луѓето, подобро е да го измерите тоа отколку да ги прашате. Резултатите беа извонредни“, изјавил Муник.
Вистинските уметнички дела предизвикаа силен позитивен одговор во прекунеусот, дел од мозокот вклучен во свеста, саморефлексијата и личните сеќавања, велат истражувачите.
„Виолинистот“ на Џерард ван Хонтхорст даде позитивен стимул од 0,41 од 1, на пример, но само 0,05 во форма на постер.
Истражувањето го анализирало и познатото дело „Девојката со бисерна обетка“. Популарното дело привлече најголемо внимание и го привлече окото во она што истражувачите го опишаа како „јамка за одржливо внимание“ – триаголник помеѓу нагласеното око, уста и бисерната обетка на девојката.