Нема политичка волја за борба против сивата економија

денари
Денари / Фото: Архива на Слободен печат

Сивата економија само на почетокот игра амортизирачка улога, кoja со текот на времето се претвора во паралелен систем со свои правила, констатираат аналитичарите и додаваат дека е очигледен недостигот од вистинска волја за решавање на овој суштински проблем.

Триесетина години ја броиме, ама никако да ја доброиме, па затоа секогаш кога се зборува за обемот на сивата економија во државава, се калкулира со процент од 20 до 40 отсто од БДП. Сите знаат дека постои сивата економија, таа се чувствува, но тешко се мери, велат експертите. Шверцот, митото и корупцијата, неплаќањето на царините и другите давачки, како и неформалните работници, се дел од „пипалата на сивото ткиво“, кое единствено се отстранува со остар рез. И акo на сето ова, едноставно се гледа како на социјален вентил, тогаш станува збор за огромна заблуда или за непознавање на состојбите. Оти, сивата економија само на почетокот игра амортизирачка улога, кoja со текот на времето се претвора во паралелен систем со свои правила, констатираат аналитичарите и додаваат дека е очигледен недостигот од вистинска волја за решавање на овој суштински проблем.

– Сивата економија не е проблем во Македонија, проблем е што таа е прерасната во „државна сива економија“. И наместо вистински да се фатиме во костец со ова зло, ние носиме палијативни мерки – вели за „Слободен печат“, даночниот експерт Славко Лазовски. Тој е дециден дека првиот фронт против сивата економија е даночната управа, но, исто така се прашува зошто недоволно ја користиме меѓународната правна помош?

– Размената на информации и искуства со странските институции треба да биде врвен императив, оти европските даночни управи се многу силни и добро организирани и поврзани со Интерпол. Тоа ни фали, исто како што недостига соработка меѓу домашните општински даночни управи и УЈП. Сега само се префрла одговорноста и се одолжуваат постапките. Сите се лажат дека со замижувањето пред сивата економија се купува социјалниот мир. Тоа не е точно, бидејќи таа претставува најгруб облик на човечка експлоатација – дециден е Лазовски.   

Нивото на неформалната економија во државава, во одредени временски периоди, се движело меѓу 40 и 50 проценти од БДП. Ова е распространето верување меѓу економистите, но со воспоставување на „рамниот“ данок на профит и персоналниот данок во 2007 година, паралелно со процесот на интензивна фискализација во трговијата, се креира клима за намалување на неформалната економија во наредниот период. Според најновото истражување на Аналитика тинк-тенк, покрај намалувањето на неформалната економија, студиите и процените за нејзиното учество во вкупниот БДП во Република Северна Македонија, покажуваат висока неформална економија, меѓу 20 и 40 проценти.

– Согласно процените од Министерство за економија, во 2011 година, нивото на неформалната економија се движело околу 30 отсто од БДП, а последните процени на експерти на ММФ покажуваат дека тоа ниво во 2016 година било 37,6 проценти од БДП – посочуваат од Аналитика тинк-тенк.

Според аналитичарите, отсуството во официјалните статистики на ваквите активности негативно влијаат врз мерењето на БДП, но и ги ослабуваат ефектите од макроекономското планирање. Покрај негативните ефекти и импликации врз фискалната и монетарната политики, високото ниво на неформална економија негативно влијае врз конкурентноста на фирмите што функционираат во формалната економија, создавајќи „нефер“ конкуренција, со што доаѓа до дополнително влошување на социоекономската состојба во државата.

Павле Гацов, претседател на Здружение на даночни советници, неодамна за Дојче веле предупреди дека форсирањето на политиките за промена на даноците е погрешно, посебно во услови на драматично високо ниво на сива економија, но и на корупција. Според Гацов, пристапот треба да биде комбиниран, но со фокус на битката против сивата економија.

– Сметам дека токму „базенот“ на сивата економија е адресата од која може да се остварат поголеми буџетски приходи и да се елиминира или значајно да се намали потребата за зголемување на поединечниот даночен товар. Релевантните меѓународни финансиски институции и понатаму сивата економија ја мерат како една третина од вкупната економија. Само поради овој податок, сивата економија треба да се третира како државен непријател – предупреди Гацов.

Отсуството на реална политичка волја е клучот за елиминирање на сивите канали, а експертите велат дека тие ќе постојат се додека не се направи систем, кој ќе ја развие официјалната економија и ниту еден поединец на кое било ниво не ќе може да го уништи. Токму борбата со сивата економија е најголемото барање на бизнис-заедницата на кое инсистира со години.

– За да се намали буџетскиот дефицит и да се најдат пари за сите проекти, власта мора да се избори со сивата економија. Овој процес ќе биде болен, но значајно ќе ги зголеми приходите во државната каса – изјави бизнисменот Горан Рафајловски во едно гостување на Утрински брифинг.

 

Неформалната економија се мери и преку потрошувачката на струја

 

Од 2006 година па наваму, во просек степенот на неформална економија бележи надолен тренд на движење, објаснуваат од Аналитика тинк-тенк. Во периодот од 2006 до 2015 година, неформалната економија бележи пад од околу 10 процентни поени. Во периодот од 2016 до 2019 година неформалната економија забележала пад од дополнителни 4,5 процентни поени (согласно методот на потрошувачка на електрична енергија).

– Суштината на методот на потрошувачка на електрична енергија – ECM е во релациите помеѓу трендовите на движење на нејзината потрошувачка и вкупната економска активност. Оттука, доколку дојде до промена во потрошувачката на електрична енергија, која не соодветствува со промените во вкупната економска активност, во тој случај според овој метод може да се констатира дека доаѓа до пораст на степенот на неформална економија во земјата. Покрај тоа што овој метод е меѓу најупотребуваните методи во емпириската литература, треба да се напомене дека, слично како и другите методи на индиректна пресметка на степенот на неформална економија и овој метод не дава прецизна бројка за обемот на неформалната економија – посочуваат од Аналитика.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот