Фото: Профимедиа

Неколку коцки на ден? Црното чоколадо може да помогне во борбата против хипертензијата

Малку работи даваат утеха како шолја топол чај со коцка чоколадо, а сега ново истражување покажува дека оваа омилена комбинација може да има и изненадувачки здравствени придобивки.

Црното чоколадо, ако се консумира во умерени количини, може да помогне во намалувањето на крвниот притисок и одржувањето на здравјето на крвните садови, тврдат кардиолозите.

Црното чоколадо со висока содржина на какао има предност

Истражувањето објавено во престижниот „Европски журнал за превентивна кардиологија“ анализирало податоци од дури 145 клинички студии и открило дека редовната консумација на флаван-3-оли – соединенија природно присутни во чајот, јаболката, какаото и црното чоколадо – може да придонесе за намалување на крвниот притисок, особено кај луѓе со зголемени вредности.

Во некои случаи, ефектите беа споредливи со благите делувања на лековите за крвен притисок. Сепак, експертите нагласуваат дека чоколадото не е замена за терапија, туку може да биде додаток на здрав начин на живот.

Главниот автор на студијата, професорот Кристијан Хајс од Универзитетот во Сари, објаснува: „Темното чоколадо може да биде добар извор на флаван-3-оли, кои се поврзани со подобра функција на крвните садови и понизок крвен притисок. Сепак, треба да се консумира умерено и како дел од балансирана исхрана, а не наместо неа.“

Тој, исто така, предупредува и на тоа дека многу комерцијални чоколадни решенија содржат многу шеќер, масти и калории, што може да ги поништи потенцијалните придобивки ако се консумираат во големи количини. Освен тоа, количината на флаван-3-оли честопати не е јасно означена на пакувањето, а нивната содржина значително варира од производ до производ.

Колку чоколадо е доволно?

За оние со висок крвен притисок, Хајс препорачува мали количини темно чоколадо со најмалку 70 отсто какао, или уште подобро – неакално какао во прав, кое не содржи додадени шеќери и масти.

„Околу 20 до 30 грама темно чоколадо на ден, или неколку коцки, е сосема доволно“, вели професорот. „Алтернатива би можеле да бидат две до три лажици неалкализирано какао во млекото.“

Тој исто така нагласува и дека позитивните ефекти не се постигнуваат со еднократно консумирање, туку со долгорочен и редовен внес, во склоп на избалансираниот начин на живот. Најдобриот начин да го проверите ефектот е редовно да го мерите крвниот притисок дома и да се консултирате со вашиот лекар.

Го штити не само крвниот притисок, туку и крвните садови

Интересно е и тоа што флаван-3-олите имаат позитивен ефект дури и кога крвниот притисок останува непроменет. Тие ја подобруваат функцијата на ендотелот – внатрешниот слој на крвните садови, кој игра клучна улога во здравјето на срцето и крвотокот.

„Овие резултати се охрабрувачки за секој што бара едноставни начини за поддршка на здравјето на срцето преку секојдневните навики во исхраната. Вклучувањето на темно чоколадо, какао, чај или јаболка во секојдневната исхрана може да обезбеди корисни количини на флаван-3-оли“, рекол Хајс.

Според податоците на американскиот Центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ), речиси половина од возрасните луѓе во САД имаат висок крвен притисок, што е еден од главните фактори на ризик за срцев и мозочен удар.

И додека темното чоколадо може да биде вкусен сојузник за здравјето, експертите нè потсетуваат дека нема магични решенија. Урамнотежената исхрана, физичката активност, доволното спиење, избегнувањето пушење и умереното внесување алкохол остануваат основа на превенцијата.

Значи, следниот пат кога ќе посегнете по шолја чај и парче темно чоколадо – слободно уживајте во моментот. Можеби со тоа не правите добро само за себе, туку и за своето срце.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот