
Неизложени дела на Глигор Чемерски ќе бидат претставени со изложбата „Чемерски: Низ цртеж, отпосле“ во МКЦ
Галерија „Грал“ и Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје ја организираат изложбата „Чемерски: Низ цртеж, отпосле“ на реномираниот македонски уметник и академик Глигор Чемерски. Отворањето на изложбата е на 24 јуни, во 20 часот, во галеријата на МКЦ, а истата ќе биде поставена до 9 јули оваа година.
Препорачано
Во текот на 1980-тите и на почетокот на 1990-тите, Чемерски често престојуваше во Париз, каде што беше застапуван од галеријата „Galerie du Fleuve“ (1983 – 2003). Постојано присутен на тамошната ликовна сцена, во тој период Чемерски реализираше повеќе изложби во таа галерија.
Најголем дел од цртежите и гвашевите претставени на оваа изложба се неизложувани дела, интимни формати од колекцијата на „Galerie du Fleuve“, создадени во тој период.

Глигор Чемерски (1940 – 2016) е сликар, графичар, мозаичар. Еден од најплодните македонски модерни автори, неговите дела се застапени во голем број галерии и музеи во земјата и надвор од неа. Добитник е на голем број награди и признанија.
Чемерски работел и како ликовен есеист и критичар, телевизиски уредник, сценограф и костимограф. Автор е и на повеќе монументални дела: „Топла Земја“ (1971, фреска, Стопанска Банка, Скопје), „Човекот и светлината“ (1975, мозаик, ХЕЦ Вруток), „Споменик на слободата“ (1981, меморијален мозаички комплекс, Кочани), „Македонија – светла земја“ и „Македонија – земјата памети“ (2006, мозаици, Кабинет на Претседател на Република Северна Македонија, Скопје) итн.
Живеел и работел на релација Скопје – Белград – Париз. Бил член на Македонската академија на науките и уметностите и почесен член на Руската академија на уметностите.
Куратор на изложбата во МКЦ е м-р Елена Чемерска. Изложбата е поддржана од Министерството за култура на Република Северна Македонија, „Јуроп хаус Скопје“ и винарија „Попов“.