Поставка од проектот „Музеј во движење“ на 59. МТФ „Војдан Чернодрински“

Не може да се замисли животот во Прилеп без театарот – Платнар, Џумерко, Ристоски раскажани низ чаршијата

Во рамки на програмата на 59. МТФ „Војдан Чернодрински“, што се одржува од 6 до 13 јуни во Прилеп, беше претставен проектот „Музеј во движење“.

– Човечките приказни не треба да се оддалечуваат од луѓето и од непосредноста. Посебно актерските човечки приказни имајќи ја предвид ситуацијата со сите предизвици на театарските сцени во Прилеп важно ми беше да го покажам она што сите ние го знаеме: Прилеп имал, има и ќе има театарски уметници. Театарот за разлика од другите медиуми не може да биде зачуван на ниту еден адекватен начин освен преку пишаните, снимените, фотографираните и раскажаните податоци. Затоа одлучив приказната за театарскиот Прилеп да ја раскажам низ чаршијата надвор од стерилните услови на сите институции – рече Ана Стојаноска, уметнички директор на МТФ „Војдан Чернодрински“ на отворањето на Музејот во движење, посветен на тројцата легендарни прилепски театарски уметници – Кирил Ристоски, Благоја Спиркоски – Џумерко и Благоја Ристоски – Платнар.

На невообичаен начин, преку изложба на фотографии, лични предмети, артефакти, на неколку локации низ градот, во места пријатели на фестивалот, авторите на изложбата Звонко Димоски и Ана Стојаноска го доловија животот на овие уметници и приватно и професионално. Емотивна средба беше ова и за членовите на нивните семејства.

– Прилеп е во тесна врска со својот театар, поточно, не може да се замисли животот во Прилеп без театарот, навиките за одење во театар, прераскажувањето на театарските претстави, поздравувањето на актерите низ чаршијата, гордоста од нивните успеси по фестивалите и гостувањата во и надвор од нашата земја. Театарот за разлика од другите медиуми не може да биде зачуван на ниту еден адекватен начин освен преку пишаните, снимените, фотографираните и раскажаните податоци – рече Стојаноска.

Програмата „Прилеп во фокус“ овозможува да зачекорите во животот од едни од најзаслужните прилепски уметници, и со тоа секој посетител да го искуси сценско-изведувачки и аудиовизуелениот начин на значењето на Прилеп во однос на македонскиот театар. Изложбите ќе бидат достапни за посетителите до крајот на фестивалот.

На третиот фестивалски ден гостуваше екипата на Штипскиот театар со претставата „Сите најубави нешта“ во режија на Нела Витошевиќ. Топлата и трогателна претстава која во фокус го става менталното здравје ја одушеви публиката. Се одржа и тркалезна маса за претставата „Црно семе“ на Битолскиот театар.

– Секоја генерација има свое време. Оваа наша генерација има своја порака која нема допирни точки со онаа од филмот. Битолскиот театар има силни индивидуалци, а во претставата беа ставени во колективна игра – рече Васко Мавровски, актер и директор на театарот.

Режисерот Андреј Цветановски му ја посвети претставата на неговиот татко Владо Цветановски, а изведбата во Прилеп беше токму на денот на неговиот роденден. За режисерот Цветановски најважно е да се дојде до вистината, а не дали начинот е класичен или современ.

– Иако дејството се случува 1947 година има доволно современ контекст. Тој колективен прогон на индивидуалните судбини за мене беше клучен во претставата. И иако играта е колективна, има индивидуални улоги, судбини кои, сепак, целосно не отскокнуваат – рече Цветановски.

Актерот Мартин Мирчевски кој го толкува ликот на Андон нагласи дека не се осмелил да прави споредба со култниот филм „Црно семе“. А театарот или го доживуваш или не, рече тој.

– Филмот е антологија. Кај нас, во претставата, целиот процес стана многу спонтан, се роди енергија. Не ги сфаќам потребите за класификација. Сакам театарот да ме возбудува во работата. Театарот или го доживуваш, или не – рече Мирчевски.

Добитници на наградата за животно дело на 59. МТФ „Војдан Чернодрински“

Фестивалот беше отворен на 6 јуни во Центарот за култура „Марко Цепенков“ со многу емоции, восхит, почит и долги аплаузи кои прилепската публика им ги подари на добитниците на наградите за животно дело. Длабоки наклони, благодарност и нескриени емоции на сцена споделија наградените актери – Снежана Коневски-Руси, Соња Михајлова и Гоце Тодоровски. Тие добија награди изработени од прилепски мермер од „Крин про“ од Прилеп.

– „Смеј се и осмели се“ е мотото на овој фестивал. И како што го одлучив мотото, така почнаа и смеењето и осмелувањето. Од затворањето на театарските сцени овде до секојдневните предизвици во процесот на организирање на фестивалов. Се надевам дека барем до крајот на мојот мандат, до следната година, ќе покажеме дека најважно за фестивалов е да работиме сите заедно за него. Мојата благодарност е до сите што придонесоа да го отвориме 59. МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. Драги волонтери, годинава сте во најголем број, со што докажуваме дека си имаме доверба едни во други и дека Прилеп е навистина град на театарската младост. Драги пријатели на фестивалот, без вас оваа моја визија за цел град-театар немаше да се оствари, ви благодарам! Драга публико, ти посакувам задоволство од одгледаните претстави и годинава имаш можност да ја наградиш омилената претстава и бескрајно ти благодарам за постојаната поддршка – рече уметничкиот директор на фестивалот, Ана Стојаноска.

Ана Стојаноска, уметнички директор на фестивалот

Фестивалот беше отворен со изведбата на претставата „12“ во режија на Синиша Евтимов на Македонскиот народен театар. Тркалезна маса за претставата се одржа на 7 јуни. Модераторот Звонко Димоски рече дека концептот на претставата не е само театарска рефлексија врз правдата, туку е претставен обид да се види како сме подготвени да си погледнеме во сопствените предрасуди. Режисерот Синиша Евтимов потсети дека текстот го имал во фиока, а познатиот филм бил податно парче за реализација на претставата.

– Во финалната реализација тргнав од тоа дека ние како македонско општество сме последица на некоја друга причина. И ова е претстава која говори за некомпетентноста на одредени личности. Ние сме жртви на елитизмот во театарското општество. Поентата е и оној кој е начитан, и оној кој првпат влегува во театар да се обидат да ја разберат приказната. Ако сакам да пратам порака, можам да пратам писмо… Беше тешко да ги одберам глумците, да се запознаеме, и како тим да бидеме добри. Таа е една ода, симфонијата ја пренасочивме до џез – рече режисерот на тркалезната маса.

Актерот Сашко Коцев посочи дека претставата е за поединци кои се тотално некомпететни луѓе, а кои нѐ водат. „Во претставата сме собрани 12 солисти. Според мене е монолог кој треба да го зборува еден човек. До тие партитури беше тешко да се стигне. Бев на сцена со оние луѓе заради ја одбрав оваа професија“, рече Коцев.

– Реткост е да се соберат 12 од најдобрите, заедно да бидат, сплотени. Целиот проект беше процес кој ретко се случува. Еднаш седнав на масата со нив, мислејќи дека е пауза. Но, всушност, тие пробуваа. Од првата проба започна продажбата на билети, која ни оди во прилог и до денес трае – посочи директорот на МНТ, Никола Кимовски.

Според актерот Ѓорѓи Јолевски, да се биде дел од екипата било престиж, возбудливо. „Обврзани бевме да сме камелеони, затоа што секој од нас има свој принцип и метод во работата и претходно силно уметничко влијание. На моменти бешер хорор. Никој не ги трасираше патеките на движење, туку имавме демократски пристап на мизансценот. Се обидов да се држам на три линии – драма, гротеска за да завршам во апсурд“, рече Јолевски.

Тркалезна маса за претставата „12“ на МНТ

На големата сцена на Центарот за култура на 9 јуни, во 19 часот, ќе игра ансамблот на Албанскиот театар со претставата „Ричард Трети“ во режија на Куштрим Бектеши. Улогите ги толкуваат: Адем Карага, Шкумбин Истрефи, Теута Ајдини Јегени, Вјолца Бектеши Хамити, Амернис Нокшиќи, Абедин Алими, Осман Ахмети, Музбајдин Ќамили, Дритеро Аме, Фисник Зеќири, Ментор Курти, Генци Мирзо, Рахим Рамадани, Сара Бајрами, Гентиана Рамадани, Хетем Етеми, Сабина Мемиши Асланај и Дениз Рустеми.

Покровители на фестивалот се Министерството за култура и туризам и Општина Прилеп. И оваа година фестивалот има предзнак екофестивал и има соработка со „Пакомак“. Поддржувачи се „Витаминка“, „Прилепска пивара“ и „Diners Club International“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот