
Научниците тврдат: Не е точно дека е здраво да се пие една чаша жесток алкохол дневно
Дури и кај возрасните без хипертензија, крвниот притисок се зголемува со текот на годините како што се зголемува бројот на алкохолни пијалаци што се консумираат дневно.
Препорачано
Со статистички податоци од седум меѓународни студии, оваа анализа за првпат потврдува дека има постојан скок на крвниот притисок дури и кај луѓето кои пијат мошне мали количини алкохол.
– Не најдовме никакви поволни ефекти кај возрасните кои редовно пиеле алкохол во споредба со оние кои не пиеле. Бевме малку изненадени што дури и пиењето мошне мала количина на алкохол е поврзано со зголемен крвен притисок, иако значително помалку отколку кај луѓето кои пијат големи количини – рекол Марко Винчети, професор по епидемиологија и јавно здравје на Медицинскиот факултет на Универзитетот во Модена, и професор по епидемиологија на Факултетот за јавно здравје од Универзитетот во Бостон.
– Нашата анализа се базираше на внесените грамажи алкохол, а не на бројот на пијалаци, со цел да се избегнат проблеми кои би можеле да настанат поради различниот процент на алкохол во стандардните пијалаци во различни земји – рекол Томазо Филипини, професор по епидемиологија и јавно здравје на Медицинскиот факултет на Универзитетот во Модена и соработник на Факултетот за јавно здравје на Универзитетот во Калифорнија, Беркли.
Истражувачите ги прегледале здравствените податоци на 19.548 учесници во седум студии спроведени во текот на пет години. Тие ги споредиле податоците од луѓето кои редовно пијат алкохолни пијалаци со оние кои не пиеле и откриле дека горниот (систолен притисок) се зголемил за 1,25 милиметри на живиниот столб (ммжс, mmHg) mmHg кај луѓето кои пијат просечно 12 грама алкохол на ден и 4,9 ммжс кај луѓето кои пиеле 48 грама алкохол на ден. Тие исто така откриле дека понискиот (дијастолен) крвен притисок се зголемил за 1,14 ммжс кај луѓето кои пиеле 12 грама алкохол дневно и 3,1 ммжс кај оние кои пиеле 48 грама алкохол дневно. За споредба, научниците известуваат дека половина литар пиво, чаша вино или чаша жесток алкохол во САД има околу 14 грама алкохол.
– Алкохолот секако не е единствената причина за скок на крвниот притисок, но нашето истражување покажува дека тој значително придонесува за тоа. Се препорачува да се ограничи алкохолот, а уште подобро е целосно да се избегнува – изјави Винчети.
Иако ниту еден од учесниците во студијата немал висок крвен притисок на почетокот, оние со крвен притисок поблиску до горната граница имале поголем скок поради алкохолот.
– Тоа значи дека луѓето кои имаат тенденција да имаат висок крвен притисок најмногу би имале корист од драстичното намалување или целосно отстранување на алкохолот – изјавил Пол Велтон, претседател на Светската лига за хипертензија.