Фото: Pexels/ Pixabay

Научниците откриваат: Мувите ги привлекуваат сини предмети, бидејќи бојата ја мешаат со потенцијалниот плен

Научниците откриваат дека мувите се силно привлечени од сини предмети, бидејќи бојата ја мешаат со пленот кој сакаат да го изедат, пишува „Гардијан“.

Новата студија, може да помогне во борбата против болестите што се шират од мувите, како што е болеста на спиење, со тоа што во иднина ќе се направат поефикасни стапици.

Истражувањето го водел д-р Роџер Сантер, од Универзитетот во Абериствит, кој вели дека ентомолошките теренски студии покажале дека мувите ги привлекува сината боја, што довело до тоа стапиците да се прават исклучиво во таа боја.

„Но, зошто мувите особено ги привлекуваат сините стапици е вистинска загатка за истражувачите“, рече тој.

Во обид да најдат одговор, тимот од научници, развиле вештачки невронски мрежи, кои ја имитираат визуелната обработка што се одвива во мозокот на мувите како што се цеце-мувата или коњската мушичка.

Нервните мрежи биле програмирани да ги разликуваат животните, од листовите и површините со и без сенка, користејќи ги одговорите на петте типа фоторецептори во окото на мувата. Потоа, мрежите ги класифицирале сините стапици за муви.

Резултатите, ја негираат теоријата дека сините објекти претставуваат обична сенка за мувите. Невронските мрежи откривале сенка само поради недостатокот на осветленост, а сините објекти не ги класифицирале погрешно како сенка.

За да ги препознаат животните, невронските мрежи ги споредувале релативните одговори на сините и зелени фоторецептори, па резултатите покажале дека најчесто ги детектирале сините стапици како животни. Ова го навело тимот на научници, да заклучи дека сините објекти, вклучувајќи ги и стапиците, на мувите им личат на потенцијален плен.

„Ако можеме да ги разбереме механизмите што ги привлекуваат мувите во сино обоените стапици, можеме да ја подобриме нијансата на бојата на тие стапици, за да бидат поефикасни. Ова е навистина важна цел, бидејќи различни видови каснувања од муви шират болести кај луѓето и животните, па контролата на однесувањето на мувите ќе биде важен дел за заштитата од болести“, додал Сандер.

Заклучоците на тимот се поткрепени со теренски експерименти, кои откриле дека цеце-мувите кои биле фатени во сини стапици обично не јаделе, што укажува на тоа дека постојано бараат плен.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!