
Научници открија клучен механизам за здравјето на коските кој би можел да ги поништи ефектите на остеопорозата
Студија спроведена од истражувачи на германскиот Универзитет во Лајпциг и кинескиот Универзитет Шандонг идентификуваше клеточен рецептор, ГПР133 (познат и како АДГРД1), како клучен фактор за густината на коските, преку влијание врз клетките што ги градат коските, остеобластите, пишува „Саенс алерт“.
Препорачано
Варијации во генот ГПР133 претходно биле поврзувани со густината на коските, што ги насочи научниците кон истражување на протеинот што овој ген го кодира. Експерименти врз глувци покажале дека во отсуство на генот ГПР133, животните развиваат слаби коски, со симптоми налик на остеопороза. Но, кога рецепторот бил активиран со хемиската супстанца АП503, коските станале посилни и поцврсти.
„Со користење на супстанцата АП503, која неодамна ја идентификувавме преку компјутерска анализа како стимулатор на ГПР133, успеавме значително да ја зголемиме јачината на коските и кај здрави и кај остеопоротични глувци“, објаснува биохемичарката Инес Либшер од Универзитетот во Лајпциг.
АП503 делува како „биолошко копче“ што ја засилува работата на остеобластите. Дополнително, студијата покажала дека оваа супстанца може да се комбинира со физичка активност за уште поголемо зајакнување на коските.
Откритието дека ГПР133 е клучна алка во одржувањето на цврстината на коските претставува голем чекор напред. Иако резултатите се добиени врз животински модел, научниците веруваат дека процесите се слични и кај луѓето.
„Кога рецепторот е оштетен од генетски промени, глувците губат коскена густина уште во младоста, што е слично на остеопороза кај човек“, додава Либшер.
Истражувачите истакнуваат дека идните третмани не само што би можеле да ги обноват ослабените коски кај пациенти со остеопороза, туку и да ги зајакнат здравите коски кај постарата популација.
„Новодокажаното паралелно зајакнување на коските укажува на голем потенцијал за медицинска примена во подоцнежните години од животот,“ вели молекуларната биологинка Јулиан Леман од Универзитетот во Лајпциг.
Остеопорозата е сериозно заболување што погодува милиони луѓе во светот. Постојните терапии можат само да го забават нејзиниот напредок, а често носат несакани ефекти и со текот на времето стануваат помалку ефикасни. Новото откритие за рецепторот ГПР133 отвора надеж за безбедни и ефикасни третмани кои би можеле да обезбедат поздраво стареење.