Наставничкиот пленум побара поголеми плати

Фото = Архива

Наставничкиот пленум бара зголемување на платата на сите вработени во образованието за 20 отсто од јануари 2022 година, со оглед на растот на цените на производите за секојдневни потреби и на растот на минималната плата во земјава. Пленумот прецизира дека голем дел од неговите членови се незадоволни од сегашните примања на вработените во образовните институции.

„Вработените во образованието заслужуваат подобар животен стандард и повеќе средства за егзистенција и поради тоа бараме од Вас сериозно да пристапите кон нашето барање и да го реализирате“, пишува Пленумот во барањето до министерката за образование и наука Мила Царовска.

Од МОН, пак, ги повикаа наставниците и Наставничкиот пленум барањето да го упатат до пратениците во Собранието, каде што со месеци е заглавен предлог-законот, со кој се обезбедува континуиран раст на платите на наставниците.

„За жал, овој закон со кој се унапредуваат наставничките права е блокиран од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ. Потсетуваме дека во изминатите четири години платите на наставниците кои имаат работен стаж од 10 години се зголемени за околу четири и пол пати, односно за 4.000 денари, додека во време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ само за 800 денари. Дополнително минатата, но и оваа година, блок-дотациите кон општините се зголемени за 2 отсто. Во ова зголемување, освен средства за набавка на потребните материјали и средства за хигиена и дезинфекција се предвидени средства за исплата на прекувремените часови работа на наставниците“, соопшти МОН.

За зголемување на платите се залага и Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК), кој на почетокот на оваа учебна година излезе со став дека порастот на платите не го следи зголемувањето на цените на основните производи.

Елвира Мустафа, професорка во гимназијата „Никола Карев“, смета дека уште поголем проблем е што образованието е исполитизирано до невидени размери.

– Не може нешто преку ноќ да се смени. Одамна Заев рече дека ќе ги зголеми платите и дека наставниците ќе имаат 500 евра плата. Не само што немаме толкава плата, туку многу наставници немаат ни за автобус. Платите воопшто не се зголемени, исти се, а дури и ако се зголемени, тоа е за околу две-три илјади, што ништо не значи. Ветувањата од порано не се исполнети. Имаме околу 20.000, можеби најмногу 25.000 денари плата – изјави Мустафа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот