
Наскоро нов парк од 5.700 м2 во Аеродром
Паркот ќе се наоѓа во Реонски центар, каде беа избришани две маркици на кои беа предвидени станбени згради.
Во Општина Аеродром наскоро ќе започне да се гради новиот парк во Реонскиот Центар кој ќе се протега на вкупна површина од 5.700 квадратни метри, информираат од оваа скопска општина.
Препорачано
– Паркот ќе се наоѓа во Реонски центар, каде на почетокот на мандатот на градоначалникот Тимчо Муцунски беа избришани две маркици на кои беа предвидени станбени згради. Со овој потег, Општина Аеродром ја докажува посветеноста кон зачувување на животната средина и зголемување на зелените површини на нашата територија – информираат од Општина Аеродром.
Градоначалникот Тимчо Муцунски пак вели дека во изведбата и уредувањето на новиот парк во Реонски Центар Аеродром, значаен придонес ќе биде обезбеден од страна на Шведска, а ќе го спроведе канцеларијата на УНДП.
– Шведска претставува најголем билатерален донатор помеѓу ЕУ земјите во нашата земја. Имав можност да се сретнам со шведската амбасадорка Кристин Форсгрен Бенгтсон, со која направивме прошетка низ нашата општина и обиколка на локацијата на која овој парк ќе биде поставен. На амбасадорката ѝ ги презентирав некои од нашите врвни приоритети за развој на општината во наредниот период, меѓу кои највисоко место зазема и заложбата за чиста и здрава животна средина. Оваа заложба ја потврдуваме со тоа што предвидениот парк се наоѓа на локација на која до сега беа предвидени градежни маркици за изградба на станбени објекти, а со наша одлука беа пренаменети во парк кој ќе зафаќа површина од 5700м2 – истакна Муцунски.