
Наредниот месец може да очекуваме пониски камати на кредити
Очекувано е Народната банка да ја намали основната каматна стапка. Така, таа им испрати и сигнал на банките. Со намалувањето на каматите треба да се раздвижи потрошувачката на граѓаните и инвестициската активност на фирмите, а тоа подоцна треба да доведе до економски раст
Каматните стапки на благајничките записи се симнаа на 5,8 проценти. Народната банка на двапати, во септември и на 22 октомври, ја намали основната каматна стапка по 0,25 процентни поени, а од таа камата зависи формирање на каматите на кредитите и на депозитите. Народната банка информира дека е оценето оти „најновите услови во економијата овозможуваат да се продолжи со претпазливо нормализирање на поставеноста на монетарната политика“.
Препорачано
Експертите објаснуваат дека банките го добија сигналот за намалување на каматите. Но, како што би требало да се намалат каматите за кредитите, исто така може да се очекува и намалување на каматите на депозити. Сепак, крајниот збор го имаат комерцијалните банки, во согласност со нивните деловни одлуки.
– Намалување на каматните стапки ќе има, но досегашното искуство покажува дека кога има раст на основната каматна стапка, тој раст целосно, или речиси целосно, се транспонира врз растот на каматните стапки на комерцијалните банки, додека кога има намалување, тогаш е дискутабилно колкав дел од намалувањето ќе се пренесе на комерцијалните камати. Народната банка нема механизам како да ги натера деловните банки да ги намалат каматите, таа само може на овој начин да испраќа сигнали. Претходно, еден подолг период од две и пол години главно имавме раст на каматата на благајничките записи и тоа беше со цел луѓето да се воздржат од трошење и фирмите да се воздржат од инвестиции за да не се влијае врз инфлацијата. Но, сега имаме е ден период на нејзино стабилизирање, а Народната банка ги следи и сигналите од ЕЦБ и од ФЕД, кои исто така ги намалија каматните стапки. Значи, сега е период кога Народната банка треба да ги олабави рестрикциите, да се стимулира трошењето на граѓаните и инвестирањето на фирмите и таа тоа го прави. На овој начин ќе се стимулира и економскиот раст – изјави за „Слободен печат“ Викторија Атанасовска-Новески, професор на Универзитетот Американ колеџ.
И професор д-р Синиша Наумоски, директор на првата македонска банкарска академија АБИТ, вели дека намалувањата на каматните стапки се очекуван потег на Народната банка, затоа што монетарните политики кај нас се „увезени“ од Европската централна банка.
– Логично е политиките што се спроведуваат во Европската централна банка во Франкфурт да бидат со исти, или слични реперкусии и кај нас. По последното намалување на каматната стапка од 0,25 проценти поени на благајничките записи, намалувањата на каматните стапки во комерцијалните банки според мене нема да бидат брзи, но во наредниот месец може да ги имаме. Сепак, за поголеми детали треба да ги видиме сите ефекти од пласманите на самите потрошувачки кредити кон клиентите – вели Наумоски.
Во периодот од март 2020 заклучно со март 2021 година имаше ниска основна каматна стапка од 1,2 проценти. Потоа, по првите сигнали на инфлација, во април 2021 година имаше зголемување на основната камата за 0,25 процентни поени. Оттогаш каматната стапка постојано се зголемуваше, достигнувајќи го врвот во септември 2023 година од 6,3 проценти и на тоа ниво се здржа една година, за да сега со последните две интервенции се симне на 5,8 проценти.
Како банките одговориле на овие турбуленции на каматните стапки, најдобро може да се види од нивното движење. Така, пред инфлацијата, во март 2022 година вкупната камата на кредитите била 4,3 проценти, во септември 2023 година стигнала до 5,49 проценти, а според последните податоци кои се за август, значи пред двете последни намалувања на основната камата, вкупната камата на кредитите била 5,44 проценти.
Во однос на депозитите, во април 2022 година вкупната каматна стапка била 0,68 проценти, во септември 2023 година достигнала 1,59 проценти, а во август годинава изнесувала 1,96 проценти.