
Нова студија: Лек на база на марихуана ги намалува болките во грбот
Студија на германски производител на лекови спроведена врз 800 пациенти е најнов доказ за терапевтските својства на канабисот, кој и понатаму е нелегален во поголемиот дел од светот.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Хроничната болка е едно од најчесто наведените состојби кај луѓето кои се запишани во државни програми за употреба на медицинска марихуана. Но, досега биле спроведени мал број ригорозни истражувања за ефектите на овој лек кај оваа група пациенти.
Водечкиот автор на студијата, д-р Матијас Карст, изјави дека новите наоди покажуваат дека канабисот „може значително да ја намали болката и да ја подобри физичката функција кај пациенти со хронична болка во долниот дел на грбот, без безбедносни ризици кои обично се поврзуваат со опиоидите“. Карст е специјалист за болка на Медицинскиот факултет во Хановер и консултант на фармацевтската компанија „Вертаникал“.
Во студијата, пациентите со болки во грбот биле случајно распоредени да земаат течен екстракт од канабис на „Вертаникал“ или плацебо.
По 12 недели, оние што го примале лекот пријавиле намалување на болката за речиси два поени на скала од 11, во споредба со 1,4 поени кај групата со плацебо. Разликата била статистички значајна. Пациентите што примале канабис исто така пријавиле подобрување на сонот и физичката функција.
Оние што продолжиле во дополнителната шестмесечна фаза и понатаму чувствувале олеснување. Резултатите беа објавени во списанието „Нејчр“.
Несаканите ефекти вклучувале вртоглавица, главоболка, замор и мачнина, поради што над 17 отсто од учесниците го прекинале лекот предвреме. Истражувачите наведоа дека стапката на прекин била пониска од вообичаената кај опиоидите, кои често предизвикуваат запек, мачнина, поспаност и носат висок ризик од зависност.
Формулата на „Вертаникал“ содржи микродози на ТХЦ и, според компанијата, не предизвикува опиоиден ефект. Компанијата поднела барање за одобрување на лекот кај европските регулатори, а во САД изјавија дека „тесно соработуваат“ со регулаторните тела за да осмислат студија што ќе го поддржи одобрувањето од страна на Федералната агенција за храна и лекови (ФДА).
Канабисот и понатаму е нелегален според сојузниот закон во САД, иако поголемиот број сојузни држави го направија достапен за медицинска или рекреативна употреба. Во Канада и Европа претходно е одобрен фармацевтски облик на канабис за третман на неколку видови болка, вклучувајќи невропатска болка кај мултипла склероза.
Во САД, ФДА одобри лек со ЦБД – една од нетоксичните состојки на канабисот – за третман на ретки напади кај деца со епилепсија. За разлика од тој лек, познат како Епидиолекс, новата формула на „Вертаникал“ содржи ТХЦ, активната состојка на марихуаната што предизвикува психоактивни ефекти. Сепак, нивото е многу ниско – практично микродоза во споредба со количините што се среќаваат во гуми, чоколади и други производи кои се продаваат во продавници за марихуана во САД.
Компанијата изјави дека пациентите во испитувањето не покажале никакви знаци на злоупотреба, зависност или симптоми на апстиненција.
„Вертаникал“ бара одобрување за широка група пациенти: оние кои страдаат од болки во долниот дел на грбот – хронично заболување што зафаќа милиони луѓе и за кое постојат малку ефикасни третмани.
Лековите против болки кои се издаваат без рецепт, како ибупрофен, не можат да се користат долгорочно поради несакани ефекти како чир на желудник и проблеми со варењето. Опиоидите повеќе не се препорачуваат, бидејќи прекумерното препишување на лекови како Оксиконтин во 90-тите и 2000-тите доведе до континуирана епидемија на зависност.