Филмските проекции на „Ѕирни“ се одвиваат на Плато пред Дом на АРМ

Наградуваниот студентски филм „Сенките на месечината“ на Тина Величковиќ својата скопска премиера ќе ја има на „Ѕирни“

Програмата за третиот фестивалски ден на седмото издание на фестивалот на филм и музика „Sирни“, во организација на Кафе и филм „Котур“, содржи проекција на четири кратки филмови, изложба и музичка селекциjа на Бојан Јанев (Soul Case).

Филмската програма на Плато пред Дом на АРМ ќе почне со скопска премиера на наградуваниот студентски филм „Сенките на месечината“ во режија на Тина Величковиќ. Она што наликува на вообичаен ден, преминува во предизвикувачки ден за младата докторка чија рутина станува несекојдневна. Барајќи начин да заштити невино дете од нефункционалниот здравствен систем, си ја ризикува сопствената кариера. Тренирани да ги прифатиме мааните на системот, докторката се соочува со поголемо прашање: може ли сам човек да направи промена во нешто толку труло?

На истата локација ќе биде прикажан и краткометражниот анимиран филм „Неми филмови“ во режија на Крсте Господиновски. „Неми филмови“ е приказна за созревањето сместена во мало кино на крајот од ерата на немите филмови, каде што поранешна филмска ѕвезда се држи до минатото прикажувајќи само неми филмови. Неговиот син расте во овој свет, несвесен за промените зад неговите ѕидови, сè додека едно чудно откритие не ги поремети неговите верувања, прекинувајќи ја кревката врска меѓу нив.

Филмот „Дјути фри“ („Duty free“) во режија на Хилке Ренфелдт (Hilke Rönnfeldt) носи приказна за менаџерка на продавница на пловечки граничен контејнер во Балтичкото Море, која ги отфрла синџирите на брегот за да го спаси универзумот на љубовта што таа и нејзините вработени го создале внатре.

Филмот „Тарик“ во режија на Адем Тутиќ годинава ја освои наградата за најдобар студентски филм на Сараевскиот филмски фестивал. Откако е исклучен од училиште во Лазаревац, Тарик е принуден да ја напушти својата самохрана мајка Марија и да се пресели во Нови Пазар за да живее со својот татко Сафет и неговото семејство.

Покрај проекциите пред Дом на АРМ, во „Котур“ ќе се отвори и изложбата „Добредојде, добро те најдов“ од Ана В’чкова, реализирана во соработка со „Пионери Арт Платформа“. Делото ја преиспитува врската меѓу приватниот и јавниот простор – како интимното се разлева во колективното, а колективното го одразува интимното.

Замислено како интерактивно, мултисензорно искуство, делото топло ги повикува сите присутни да станат негови соавтори. Намерата е да се поттикнат значајни интеракции меѓу посетителите, започнувајќи разговори за градот, случувањата во него и начините на коишто функционираме во него. Преку лични приказни, средби, сеќавања, мисли и размисли коишто го обликуваат нашето урбано искуство. Доколку посакате, носете дел од себе: фотографија, хартија, или мал спомен и оставете да го да се вткае во делото.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот