Врачување на наградата на Дариус Конџи / Фотографија: ИФФК „Браќа Манаки“

Награда за животен опус му е врачена на кинематограферот Дариус Конџи на ИФФК „Браќа Манаки“

Добитник на наградата „Златна камера 300“ за животно дело на 46. ИФФК „Браќа Манаки“, што се одржува од 20 до 26 септември во Битола, е кинематограферот Дариус Конџи, а наградата му ја врачи министерот Зоран Љутков.

Лауреатот на наградата „Златна камера 300“ за животно дело Дариус Конџи како кинематографер соработувал со најзначајните филмски режисери на нашето време, како Жан-Пјер Жене, Дејвид Финчер, Бернардо Бертолучи, Михаел Ханеке, Роман Полански, Дени Бојл, Нил Џордан, Сидни Полак, Вуди Ален, Џејмс Греј, Бонг Џун-хо, Вонг Кар-Ваи, Алехандро Гонсалес Ињариту и многу други.

Досега двапати бил номиниран за наградата Оскар за најдобра кинематографија за филмовите „Евита“ и „Бардо“, има една номинација за наградата БАФТА, по три номинации од Американското здружение на кинематографери (ASC) и Британското здружение на кинематографери (BSC), три номинации за наградите „Цезар“ и две номинации за наградите „Индипендент спирит“. Конџи има снимено и голем број музички видеоспотови со реномирани музички поп-артисти, како Мадона, Џеј-Зи, Лејди Гага, Тејлор Свифт, Еминем.

Тој е врвен естет кој по сите критериуми ја заслужува наградата „Златна камера 300“ за животен опус, бидејќи со својата работа ги поместува границите на кинематографската дејност, создавајќи дела за паметење. Наградата во Битола му ја врачи министерот за култура и туризам Зоран Љутков.

Врачување на наградата на Дариус Конџи / Фотографија: ИФФК „Браќа Манаки“

Претходно, на 24 септември во рамки на фестивалот се одржа прес-конференција со Конџи, на која тој говореше за соработката со режисерите, начинот на работа на филм, но и за снимањето видеоспотови…

– Сакам да работам со добри режисери. Режисери со кои можам да остварам посебна врска, но се разбира, треба да ми се допаѓа и она што го работат, но најважно е дека треба да можам да им помогнам да ја остварат својата замисла. Да го постигнете она што го сакате, да сте исполнети во процесот на работа и да се најдете себе си во процесот. И режисерите треба да се пронајдат во соработката со мене и да сакаат да работат со мене повеќе отколку јас со нив – рече Конџи.

Снимал насекаде во светот, а многу му се допаднала работата во Мексико.

– Пред неколку години работев во Мексико и потоа режисерот ми стана многу добар пријател. Навистина ја сакам земјата и народот и сметам дека таа земја е емотивно моќна. Јас сум половина Персиец, половина Иранец, имам и француски дел во себе и често ми велат дека е чудна таа поврзаност со Мексико. Од она малку што имав прилика да го видам од Македонија почнувам да го имам истото чувство. Патував ноќе и денеска кога се разбудив и кога го видов градот веднаш добив едно пријатно чувство – рече Конџи и посочи дека многу му се допаѓа македонскиот јазик и жали што не го говори.

Прес-конференција со Дариус Конџи на фестивалот „Браќа Манаки“

Работи со различна опрема и камера и вели дека заедно со режисерот одлучуваат со каква камера ќе снимаат.

– Не мислам дека сам би можел да донесам таква одлука, секогаш тоа е во координација со режисерот. Сакам кога одлучуваме заедно и тоа од повеќе причини. Последниот филм ќе биде готов кон крајот на декември и него го снимавме со дигитална камера, бидејќи имавме малку денови за снимање. Сепак, ова е креативен процес и работите со она што го имате. Најважно е да ги пренесете ликовите, да ја пренесете приказната, а не е најважно со кој медиум ќе го направите тоа. Сепак, за мене филмската лента е пооргански начин, но последниот пат искусив нешто што немав искусено претходно, така што ова е едно отворено поле каде што треба да ја пренесеме нашата креативност – заклучи Конџи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот