Надир Мурсели, алпинист и спасувач: Планинарењето почнува и треба да заврши дома, да се вратиш здрав и жив

Надир Мурсели (фото: Фејсбук)

Годината што изминува тетовецот Надир Мурсели ќе ја памети по месецот ноември кога учествуваше во уште една нова акција за спасување човечки живот на планина. Тие моменти како сеќавања засекогаш остануваат во мислите и треба да се биде подготвен тие „фотографии” во потсвеста да се „носат” целиот живот, вели Мурсели во разговорот за МИА, на темата што ќе памети од 2022 како година кога во прашање е спасувањето на планина.

Надир има многу вакви искуства, речиси секоја година, некогаш и повеќе пати, кога се соочил со разни ситуации на планина како што се тешко повредени луѓе и за жал изгубени човечки животи.

На вакво објаснување, се наметнува прашањето, како е да се биде смирен во такви ситуации, да знаеш правилно да постапиш во тие моменти, кои сами по себе, се тешки и за обично набљудување и следење.

Не треба да се се дозволи адреналинот да се те совлада. Во тие моменти се јавува голем адреналин, тоа е прва работа со која се соочуваш како човек. Таа возбуда, тој адреналин пробуваш да го имаш под контрола. Затоа што ако го немаш под контрола адреналинот, почнува телото да се тресе. Кога човек има премногу адреналин тоа може да влијае на одлуките. А правилните и навремени одлуки се многу битни за едно спасување на планина, особено ако носиш одговорност за други луѓе, вели Надир, алпинист со речиси три децении искуство по планини.

Планинарот Надир Мурсели и активистот Далибор се нашле на местото каде било паднато кучето со цел да го спасат и извадат од дупката / Фото: МИА

Во ноември некаде под Титов врв, Надир заедно со директорот на Националниот парк Шар Планина Ибрахим Дехари стигнаа најдалеку до бездната каде беше паднат починатиот планинар, но и полицаец од специјалните единици кој бил учесник во барањето на планинарите. Надир се спушти во бездната каде го најде загинатиот планинар и повредениот полицаец, со кој потоа три и пол часа пеш се движеа во друга насока за да се извлечат од ладната и снежна планина.

Сум имал голем број акции за спасување, но и за извлекување на загинати луѓе. Една од потрагичните беше во декември 1998 година кога на Солунска глава поради лавина загинаа четворица алпинисти. Наредната година тоа беше и со мојот пријател алпинист Зоран Ристовски, кој загина на тренинг на Матка. На Шар Планина со часови го носев мојот другар кој имаше внатрешни повреди и не можеше да се движи, раскажува и се потсетува 45 годишниот тетовец, кој заедно со Дехари од министерот за внатрешни работи доби благодарница за спасувачката акција.

Во моментот кога го сподели сеќавањето дека го извлекувал загинатиот другар, бележиме тага кај Надир. Го прашуваме што значи за еден спасител кога ќе изгуби блиска личност кога оди на спасување наредниот пат. Воедно, какво е правилното однесување на спасител на планина за да се избегнат сите овие несакани последици.

Што прави прави еден човек кога оди на спасување пак? Јас сум последен кој се откажува, а не се откажува лесно. Спасител во светот може да биде алпинист со големо искуство, да качува карпа со тежина четири (4) па нагоре. Да знае да се движи по различни терени на планина- на мраз, да знае да скија, да знае географија, топографија, лавинологија. Мора да има курсеви за прва помош. Да биде брз, да искачува 500 метри висинска разлика во еден час и побрзо. Да биде вешт со системите за врзување на јажиња, вели алпинистот, инаку член на ПК Љуботен.

Продолжува да ни објаснува дека и самиот бил спасуван. Тоа се случило на швајцарските Алпи, каде во 2007 година поради невреме со интензивни снежни врнежи не можеле да одат ни напред ни назад, па биле евакуирани со хеликоптер.

Јас живеев 20 години во Швајцарија и сум бил стотици пати на Алпи. Таму многу повеќе работи ги видов со мои очи, а и стекнав огромно искуство и уште повеќе научив. Така станав близок пријател со шефот на базата за спасување во Аир Цермат во Швајцарија, поранешен претседател на Меѓународна заедница за планинско спасување. Постојано треба се учи за да се најде начин како да се справиш со планината. Честите тренинзи, да биде присутен на планина, да се зближиш, да ги развиеш тие сетила и да бидеш близок со планината. Да ја разбереш и сфатиш, сето тоа се прави со тренинг, со планинарење, објаснува Надир.

По овогодишната епизода на Шар Планина под Титов врв, Надир има голема желба – дека општеството и системот ја научиле лекцијата и надеж дека работите ќе бидат уште подобри кога станува збор за спасување луѓе на планина кога има таква потреба. Се потсетува дека на многу луѓе им го дал телефонскиот број, па се надева дека што поскоро ќе слушне дека ќе се прават промени во институциите и воопшто во општеството, па ќе има соодветен систем за брза реакција во такви моменти.Тоа е потребно, според него, затоа што се повеќе луѓе се оддлучуваат на планинарење, зголемен е бројот на посетители, рекреативци и систем мора да има.

Без разлика како ќе биде понатаму јас продолжувам со тренинзи, алпинизам, одење на планина, врвови, експедиции. Спасувањето знам дека ми е во крв, тоа е една животна филозофија или стил на живеење. Секое мое знаење го пренесувам кај клупските пријатели од планинарскиот клуб „Љуботен”, но и насекаде каде можам. Брзата реакција во неприлика е прво правило и потребата за безбедност на планината со оглед на суровите услови кои постојат, потенцира тетовскиот аплпинист.

Неговото животно мото е дека секое успешно искачување на планински врв е триумф за себе, затоа што најмалку треба и можеш да ја победиш планината односно природата.

Да речеме фудбал и сите други спортови завршуваат после 90-та минута, дали нерешено или со победа. Во алпинизмот тоа е многу различно, мислам дека е единствен спорт каде кога ќе искачиш некој врв, тоа е триумф, да, но во тој триумф ти си на половина пат. Планинарењето почнува и треба да заврши дома, каде треба да се вратиш здрав и жив, вели Надир.

На планините низ светот, Надир највисоко стигнал на Хималаите – на Ајланд Пик на 6.200 метри надморска височина, како и врвовите Мекинли и Аконкагва. Живеејќи порано во Швајцарија редовно ги искачувал многуте врвови на Алпите. Фокусот сега му се карпите каде може најмногу да се покажат познавањата и искуството во алпинизмот.

Спасени планинари на Шар планина/ Фото: Фејсбук

Тој е еден меѓу малкумината во државата кои ја изведуваат изведуваат таканаречената „висинска работа”. Благодарение на своето алпинистичко искуство и специјална опрема за безбедност, тој знае како е да се фарбаат фабрички оџаци високи по стотици метри, да се изведуваат разни видови зафати поврзани со одржување, градежништво, поправки на згради, мостови, брани, облакодери, ветерници, силоси односно секаде каде е тешко достапно да се работи поради височината.

Едно од поинтересните патешествија на Надир Мурсели е и искачувањето на Титов врв, каде ја дочекал и новата милениумска 2000-та година. Во мај годинава успеа за помалку од 24 часа да се искачи на трите највисоки врва на Шар Планина, Титов Врв, Кобилица и Љуботен.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот