Фото: Министерство за здравство

Над 200 пациенти во Македонија чекаат трансплантација на орган

Во Македонија во моментов има над 200 пациенти кои чекаат трансплантација на орган. Оваа листа е динамична и постојано се менува, вели проф. д-р Билјана Кузмановска, национален координатор за трансплантација, на денешната прес-конференција во Министерството за здравство.

-Со оваа последна, успешна кадаверична трансплантација каде што за многу краток рок беа пуштени дома сите пациенти – и двата пациента кои примија бубрег и пациентот кој доби црн дроб, складирани се во коскената банка коски и лигаменти, ткива, додаваме уште една бројка во статистиката на трансплантацијата. Но, целта на денешната прес-конференција е не само да информираме дека статистиката на трансплантација во Македонија се зголемува, туку да истакнеме за значењето на органдонорството и значењето на трансплантацијата. Зад секоја статистика стојат животи, стојат приказни за надеж, стојат приказни за болка, за жал понекогаш и приказни за лична загуба – истакна Кузмановска.

Надлежните на денешната прес-конференција информираа за две сложени интервенции извршени на Клиниката за дигестивна хирургија во Скопје.

Директорот на Клиниката за дигестивна хирургија, Огнен Костовски рече дека на 12 и 13 март биле извршени кадаверични трансплантации на црн дроб, два бубрега.

Нешто подоцна, фондовски поддржана, извршена била прва баријатрична процедура на пациент. Два дена траела вкупната хоспитализација.

-Ова е петта кадаверична трансплантација на црн дроб со најуспешен тек – додаде Костовски.

Тој рече дека трендот продолжува и оти во иднина ќе се прават сите подготовки за почнување трансплантациски процес од жив дарител.

Задоволство од денешниот настан изрази и министерот за здравство Арбен Таравари.

-Во оваа прилика, како највисок чин на хуманост, би сакал да се заблагодарам на семејствата, кои во најтешките моменти на загуба, покажуваат големина и хуманизам, благодарение на што се спасуваат човечки животи или се подобрува квалитетот на живот на пациентите – рече министерот.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот