Фотo: Е-цигари/Принтскрин

Над 10 отсто од е-цигарите во Велика Британија содржат „спајс“ – силна дрога што создава зависност

Според нова студија на е-цигари, запленети од училишта во Велика Британија, над 10 отсто од нив содржеле синтетичка дрога која е замена за ТХЦ, активна состојка во марихуаната.

Голема нова студија на е-цигари (вејпови), запленети од училишта, откри дека повеќе од 10% содржат синтетичка дрога „спајс“, објави Скај њуз.

Речиси 2.000 течности за е-цигари од 114 средни училишта во Англија биле одземени од полицијата и тестирани. Околу 13% содржеле спајс.

Илегалните течности, честопати во шарени пакувања, се рекламираат на социјалните мрежи Тик-Ток, Фејсбук и Инстаграм како ТХЦ, психоактивната состојка на канабисот која е забранета во Велика Британија.

Сепак, многу од нив всушност се направени од спајс – дрога што е многу поевтина за производство.

Спајс е неверојатно силна дрога што создава зависност

Оваа дрога е неверојатно силна и зависничка, изјави професорот Крис Падни, кој ја водеше студијата.

– Тоа ги става младите во многу ризична позиција, да бидат присилени, злоупотребени или вовлечени во понатамошна криминалност преку користење ваква дрога – рече тој.

Овие наоди следат по помало тестирање минатата година од истиот универзитет, кое прво откри дека спајс се наоѓа во е-цигари користени од ученици.

Со визуелна анализа, универзитетот исто така ја испитал процентуалната застапеност на течности што се продаваат на социјалните мрежи и содржат спајс наместо ТХЦ.

Професорот Падни рече дека процентот на спајс е повисок на платформите со помлада публика: 67,5 отсто на Тик-Ток, 54,2 отсто на Инстаграм и 12% на Фејсбук.

– Младите се цел на оваа дрога зашто е евтина. Едноставно е многу евтина и лесна за набавка бидејќи ја има во огромни количини во општеството – објасни тој.

Професорот додаде дека вистинска ТХЦ-вејп е-цигара чини околу 60 фунти во САД, каде што е легална, додека, пак, „спајс“ чини околу 5 фунти за полнење на е-цигара.

Вејп со „спајс“ насилно ставен во уста на ученик

Жена со псевдоним Кели знае од прва рака колку овие илегални течности можат да бидат опасни.

Нејзиниот син тинејџер се онесвестил откако насилници му ставиле во уста е-цигара со „спајс“ пред неговото училиште.

– Рече дека халуцинирал. Дека се чувствувал како да е во вода. Чувствував како да е повреден, тоа остави огромни последици врз него. Неговата анксиозност се зголеми, се плаши да излезе од дома, не оди на училиште веќе повеќе од една година, има огромни последици врз неговиот живот – рекла загрижената мајка.

Таа им порача на родителите, чиишто деца користат е-цигари, да проверат што навистина содржат.

– Осигурете се дека знаат што вдишуваат. Јас не знаев ништо за течноста „спајс“ или за нејзиното улично име, морав да го гуглам – рече таа.

Загрижувачки тренд во училиштата

Добротворни организации за борба против дроги велат дека има сè поголем број случаи каде ученици се онесвестуваат во училишта поради вдишување е-цигари со „спајс“.

– Има доволно докази дека ова е нова и опасна закана, мора внимателно да ја следиме. Знаеме дека има сè повеќе хоспитализации во училиштата. Ова е сериозна грижа бидејќи „спајс“ е многу посилен одошто младите претпоставуваат, а адолесцентите се особено ранливи бидејќи се во критична фаза од развојот на мозокот и на телото – изјави експертката за дроги и алкохол, Фиона Спарго-Мабс.

Сопствениците на социјалните мрежи веднаш реагираа

Како одговор на извештајот, платформата Тик-Ток објави дека содржини што промовираат е-цигари и илегални дроги не се дозволени и дека ги отстранила профилите посочени од Скај њуз.

Компанијата „Мета“, сопственик на Фејсбук и на Инстаграм, изјави дека купување и продажба на дроги на нејзините платформи е „строго забрането“ и дека има „силни механизми“ за откривање и отстранување такви содржини. „Мета“, исто така, ги избришала профилите на дилерите што ги открил порталот Скај њуз.

Телеграм – платформа за пораки која често се користи за комуникација со дилери – рече дека продажбата на нелегални супстанции е „експлицитно забранета“ и дека дневно отстрануваат милиони содржини.

Социјалните мрежи имаат законска обврска да отстрануваат криминална содржина според Законот за онлајн безбедност од 2023 година.

Канцеларијата за комуникации (Офком) која е регулаторна и конкурентска власт за радиодифузија, интернет, телекомуникации и за поштенска дејност во Обединетото Кралство, соопшти дека ги држи платформите одговорни за таквите продажби.

– Веќе започнавме истраги против 47 сајтови и апликации и очекуваме наскоро да најавиме уште. Важно е ова да се прави паралелно со ефикасна акција на надлежните органи против поединци кои продаваат нелегални дроги онлајн – изјави портпаролот на Канцеларијата.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот