
Национална програма за достоинствена работа во наредните три години ќе се фокусира на подобри работни места и раст на платите
Простор за повеќе и подобри работни места, подобрени изгледи за вработување на младите жени и мажи, инклузивен пазар на труд, се клучните приоритети на новата Национална програма за достоинствена работа во наредните три години.
Препорачано
Меѓународната организација на трудот (МОТ), Владата, синдикатитите и организациите на работодавачите денеска ја усвоија Програмата и најавија дека партнерите кои го сочинуваат социјалниот дијалог заеднички ќе продолжат да работат.
И покрај големите предизвици со кои се соочи целата земја, нејзините граѓани и економијата, поврзани со влијанието на пандемијата, војната во Украина и енергетската криза, сепак успеавме да направиме сериозен исчекор во унапредување на трипартитниот социјален дијалог со синдикатите и организациите на работодавачи, особено во рамки на Економско-социјалниот совет. Благодарение на ваквата соработка, се донесоа одлуки кои имаа значително влијание врз обликувањето на националните економски и социјални политики. Крајните ефекти од ваквите одлуки и политики, особено врз намалувањето на невработеноста и зголемувањето на минималната и просечната плата, несомнено се резултат и на посветеноста и волјата за соработка на сите социјални партнери, истакна министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска.
Новата Национална програма за достоинствена работа, како што велат од МОТ е надоврзување на веќе утврдените приоритети од Националната стратегија за вработување 2021-2027, Програмата за економски реформи 2023-2025, Планот за спроведување на Гаранцијата за млади 2023-2026 и Акцискиот план на Економско-социјалниот совет 2023-2025 година.
Од нејзината независност, Северна Македонија постигна напредок во економскиот развој и подобрувањето на животниот стандард на граѓаните. Сепак, земјата доживува една од најбавните конвергенции на приходите со ЕУ во споредба со другите земји од Западен Балкан. Подобреното учество на пазарот на трудот ќе биде од клучно значење за да се постигне нивото на ЕУ. Поддршката на МОТ има за цел да создаде повеќе можности за вработување, особено за младите, да ја зголеми продуктивноста и платите, да се бори против дискриминацијата, како и со насилството и вознемирувањето на работното место и да го зајакне гласот на социјалните партнери, истакна директорот на МОТ за Централна и Источна Европа, Маркус Пилграм.
Росана Дуџак, постојан координатор на Обединети нации во земјава во своето обраќање истакна дека веруваат оти усвојувањето и реализацијата на оваа Програма ќе придонесе за подобрување на животниот стандард на сите луѓе во Северна Македонија, преку еднаков пристап до достоинствена работа и продуктивно вработување генерирани од инклузивен и иновативен деловен екосистем.