Profimedia

На Земјата ѝ се заканува опасност од вселенски отпад: Што е Кеслеров синдром и зошто се плашиме од него

Кога вселенскиот отпад се упати кон Меѓународната вселенска станица (ISS) во ноември минатата година, седум астронаути мораа брзо да реагираат. Руското вселенско летало, прикачено на станицата, ги вклучило своите мотори пет минути, повлекувајќи го ISS од патеката на опасниот отпад. Доколку станицата не ја сменеше својата орбита, отпадот ќе поминеше на растојание од само четири километри од нив, што можеше да има катастрофални последици, предупредува НАСА.

Ваквите маневри не се невообичаени. Од првото постојано населување на ISS во 2000 година, станицата ја менуваше својата траекторија десетици пати за да избегне судири со вселенски отпад. Тој проблем расте секоја година бидејќи бројот на објекти кои орбитираат околу Земјата експоненцијално се зголемува.

„Во последните четири години, бројот на објекти во вселената драстично порасна“, вели д-р Вишну Реди, професор по планетарни науки на Универзитетот во Аризона.

„Сè поблиску сме до ситуацијата која со години се обидуваме да ја избегнеме.

Една од најголемите закани е хипотетичкото сценарио познато како Кеслеров синдром. Според овој концепт, судирите меѓу вселенските објекти можат да предизвикаат верижна реакција во која остатоците уништуваат други објекти, создавајќи сѐ поголеми облаци од отпадоци. Ваквиот развој на настаните би можел да ја направи орбитата толку пренатрупана што ќе стане неупотреблива за сателити и вселенско истражување.

Иако астронаутите се најдиректно изложени на ризик, метежот ги загрозува и технологиите што ги користиме секојдневно, како што се GPS, брзиот интернет и телевизиските услуги. Експертите проценуваат дека од 1957 година досега се забележани повеќе од 650 несреќи кои создале илјадници парчиња вселенски отпад.

Еден од најпознатите судири се случи во 2009 година, кога нефункционалниот руски сателит Космос 2251 се судри со активниот американски комуникациски сателит Иридиум 33. Тој судир создаде облак со речиси 2.000 парчиња отпад поголеми од 10 сантиметри, а имаше уште безброј помали честички, пишува Си-ен-ен.

Повеќето остатоци во орбитата се премногу мали за да се следат со постоечката технологија, но дури и честичките со големина на тениско топче може да предизвикаат сериозна штета. Во орбитата, предметите се движат со таква брзина што и најмалиот може да го пробие металот, предупредува НАСА.

„Она што најмногу ме загрижува е тоа што податоците за локациите на остатоците не се доволно прецизни за безбедно да се избегнат судири“, признава Ден Олтрог, научник во COMSPOC Corp.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот