На „вечно болниот“ вештак Зекири му се закануваат парична казна и стражарно спроведување на судењето за „Ласкарци“

Фото: Архива на „Слободен печат“

Во Основниот кривичен суд Скопје денеска, наместо да се слушне клучното вештачење на Зекирија Зекири, поради чие отсуство од здравствени причини, беа одложени веќе неколку рочишта од судењето за автобуската несреќа кај Ласкарци, се испитуваше вештото лице Јованка Савова, како дел од тимот што го изготви супервештачењето кое судот го нарача во декември 2021 година. Зекири ниту вчера не дојде во судот со истото образложение, за кое во судот велат оти се немоќни да го проверат бидејќи е доставено валидно лекарско уверение.

Но, како што објаснија оттаму, доколку вештакот продолжи со недоаѓањето на рочиштата, судот може да го казни Бирото за судски вештачења, од кое Зекири е избран за вештачењето во овој случај или да побара негово стражарно спроведување. Од судот одговорија и на наводите дека вештакот Зекири намерно ги одбегнува рочиштата поради поврзаноста со политичката партија ДУИ, која пак се поврзува и со сопственикот на компанијата „Дурмо Турс“, чиј автобус учествуваше во несреќата.

– Ние немаме можност да докажеме дека отсуството на вештакот, навистина, е или не е од здравствени причини. Како суд правиме се за да го елиминираме субјективниот елемент од судењата – објаснуваат од судот.

Станува збор за вештакот за чие мислење и самиот обвинител изјави дека е клучно во постапката.
Во меѓувреме, за повеќе да не се пролонгира постапката, во судот вчера се слушаше мислењето на Јованка Савова од Бирото за судски вештачења. Таа зборуваше за техничките прегледи на автобусот и за начинот на кој што се извршени.

Супервештачењето што Судот го нарача во декември 2021 година беше одбиено од факултетите од државава, со објаснување дека нивните вешти лица веќе учествувале во претходното вештачење, или не се компетентни за истото. Откако факултетите одбија, предметот беше испратен во Бирото за судски вештачења. Супервештачењето пристигна во Кривичен во декември.

Инаку, несреќата кај Ласкарци се случи на 13 февруари 2019 година, а во неа загинаа 16 лица и над 30 беа повредени. Обвинети се Дурмиш Белули, сопственик на компанијата „Дурмо турс“, одговорниот за транспорт во фирмата, Ремзи Мифтари, и возачот на автобусот, Маноил Трифуновски, кои се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот. Тројцата вработени во станицата за технички преглед, Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски, се товарат за соучество во истото дело.

Судскиот процес за несреќата што започна во септември 2019 година го води судијката Диана Груевска Илиевска, а застапник на обвинението е јавниот обвинител, Дарко Јакимовски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот