Фото архива на СП

На Светскиот ден на слободата на медиумите, Белорусија го осуди новинарот Проташевиќ – му накалемиле 1600 кривични дела

Белорускиот дисидент, новинарот Роман Проташевич (27), кој пред две години патуваше во авион кој беше принуден да слета во Минск, за тој да биде уапсен, денеска, на Светскиот ден на слободата на медиумите, е осуден на осум години затвор, пренесува државната агенција БЕЛТА.

Во мај 2021 година, Проташевич леташе од Грција за Литванија, кога авионот ненадејно беше пренасочен врз основа на лажна закана за бомба и мораше да слета во главниот град на Белорусија. Новинарот таму е уапсен со неговата девојка, Софија Сапега.

Западните лидери го нарекоа потегот „киднапирање“ и ја повикаа Белорусија да го ослободи Проташевич, долгогодишен критичар на претседателот Александар Лукашенко и еден од основачите на опозицискиот телеграм-канал „Некста“. Другите двајца основачи на каналот „Некста“, Степан Путило и Јан Рудник, се осудени во отсуство на 20 години затвор.

БЕЛТА наведува дека 27-годишникот е обвинет за најмалку 1.586 кривични дела. Обвинението вклучуваа организирање масовни немири, подготвување акции кои грубо го нарушуваат јавниот ред, повикување на меѓународни санкции против Белорусија, создавање или водење на екстремистичка група и заговор за преземање на власта.

Обвинителите побараа казна затвор од 10 години за Проташевич. Во мај минатата година, Сапега беше осудена на шест години затвор под обвинение за поттикнување раздор и социјална омраза.

Околностите на апсењето на Проташевич предизвикаа бес и санкции на Европската унија против Лукашенко. Групите за човекови права соопштија дека илјадници демонстранти биле уапсени, а многумина биле тепани и измачувани од безбедносните службеници во Белорусија.

Се верува дека Проташевич бил принуден од белоруските власти јавно да признае во видео прикажано на државната телевизија. Кога неговото судење започнало во февруари, Белорусија објави видео во кое новинарот целосно ја признава својата вина за злосторствата за кои е обвинет.

Тој е во домашен притвор од јуни 2021 година. Nexta, популарен канал на YouTube и Telegram, одигра активна улога во протестите во 2020 година. Платформата подоцна беше забранета и прогласена за „терористичка организација“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот