
На Скопје му треба „генералка“: Ѓубре расфрлано на плус 40 шири смрдеа и опасност од зарази
На територија на Општина Аеродром деновиве интензивно се работи на терен и општинските екипи заедно со вработени во ЈП „Комунална хигиена“ ги чистат помалите и поголемите депонии.
Расфрланото ѓубре од домаќинствата, неправилно одложениот органски отпад од бавчите и дворовите на граѓаните, неправилно фрлениот кабаст отпад е причина за создавање голем број диви депонии, кои, за жал, можат да се забележат во речиси сите скопски општини. Недоволната еколошка свест кај граѓаните честопати е причина за исфрлање на ѓубрето на одредени локации, наместо отпадот да биде складиран во садовите за отпад. Токму поради тоа, дивите депонии можат да се забележат речиси во сите скопски населби.
Препорачано
Дополнително, особено во овој период од годината, расфрланото ѓубре околу контејнерите е слика која се гледа секојдневно. Граѓаните знаат ѓубрето што го носат од дома да го фрлат во непосредна близина на садовите за складирање на отпад. Во овој период од годината кога температурите се искачуваат до 40 степени целзиусови, ваквото расфрлање на отпад и на дивите депонии што се наоѓаат низ населбите може да биде многу опасно, не само поради тоа што од него се шири непријатна миризба туку и поради фактот што од на тој начин се шират бактерии и зарази.
За жал, ваквата појава трае со години наназад, а за да се намали расфрлањето ѓубре на јавните површини, не помагаат ниту многубројните апели на надлежните за поголема еколошка свест кај населението.
Во обид да се исчистат вака создадените диви депонии од кои се шири непријатен мирис и зараза, дел од скопските општини периодов организираат акции за нивно расчистување.
На територија на Општина Аеродром деновиве општинските екипи заедно со вработени во ЈП „Комунална хигиена“ ги чистат помалите и поголемите депонии.
-Заедно со службите на ЈП „Комунална хигиена“ ја реализираме големата акција за чистење на деловите од Општина Аеродром на кои во изминатиот период забележавме поголема концентрација на отпад. Акцијата почна од Долно Лисиче, Горно Лисиче, Населба Лисиче, Ново Лисиче и Реонски центар, а ќе ги опфати сите делови на општината. Предвидено е да се чистат сите помали депонии што се создаваат во и околу контејнерите, а претставуваат грда слика за општината – истакна градоначалникот на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски.
Муцунски меѓу другото потенцираше и дека екипите интензивно работат и на расчистување и на една од најголемите диви депонии во општината лоцирана кај мостот во Долно Лисиче што граничи со Јурумлери.
За оваа акција ангажирани се голем број сезонски работници, а се користи и тешка механизација.
-Акцијата ќе продолжи и во наредните денови, при што ќе бидат целосно исчистени сите големи депонии на територијата на Аеродром. Уште еднаш апелирам до граѓаните својот кабаст, крупен и друг вид отпад да го оставаат на точно определени локации и притоа да се избегнува фрлање отпад на тревниците и на други јавни површини што се за други намени – вели Муцунски.
Ваква слична акција во изминатиот период се реализираше и на територијата на Општина Кисела Вода која траеше две недели и во неа беа опфатени сите населени места.
-Генерално чистење и средување на сите месни и урбани заедници се одвиваше две седмици во општина Кисела Вода. Во акцијата беа вклучени вкупно 60-на сезонски работници, два камиона, повеќе машински метларки, тримери, телескопски пили, пили и сите други ресурси со кои располага општината. Во сите петнаесет населби и месни заедници се метеа улиците, се кастреа гранки, се косеше нарасната тревна вегетација во парковите, на трим патеките и секаде каде што имаше потреба. Се собираше кабаст и комунален отпад – информираат за спроведената еколошка акција од Општина Кисела Вода.
Оттаму најавуваат дека, ваквите активности за подигнување на хигиената и обезбедување животна средина која е пријатна и безбедна за сите жители на општина Кисела Вода, ќе продолжат да се одвиваат со несмален капацитет.
-Се надеваме дека и граѓаните преку своето совесно однесување, посебно во делот на правилното одложување на отпадот, ќе дадат свој придонес во креирањето на новиот лик на општината. Грижата за хигиената на јавниот простор треба и мора да биде заедничка одговорност – велат од оваа скопска општина.