
На седница на КОРЕПЕР предлог-одлуката на ЕК за макрофинансиска помош за Македонија во износ од сто милиони евра
На дневен ред на седницата на Комитетот на постојаните претставници на владите на земјите членки во Европската Унија (КОРЕПЕР) денеска ќе се најде предлог-одлуката за обезбедување макрофинансиска помош за Македонија од страна на ЕУ. Предлог-одлуката што Европската комисија ја усвои на 6 февруари оваа година предвидува макрофинансиска помош во износ од сто милиони евра за справување со последиците предизвикани од руската агресија врз Украина.
Препорачано
Исходот од гласањето во Европскиот парламент го одразува постигнатиот договор меѓу институциите за прифаќање на предлогот на Комисијата и затоа треба да биде одобрен. Затоа, од Комитетот на постојаните претставници се бара да ја потврди својата согласност и да му предложи на Советот да ја одобри позицијата на Европскиот парламент, се наведува во предлог-иницијативата што треба да биде разгледана на денешното заседание на КОРЕПЕР.
Во Предлогот се наведува дека со ваквата одлука Европската комисија застанува покрај државата во предизвикувачки времиња, по руската агресија, поради што се влоши големата зависност од увоз на гориво и електрична енергија.
Предложената помош ќе придонесе за покривање на финансиските потреби на Северна Македонија во 2023 и 2024 година, поддржувајќи ја и фискалната одржливост и структурните реформи. Предлогот е придружен од 24-месечната програма за поддршка склучена со Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) од 530 милиони евра.
Предвидено е помошта да биде исплатена во форма на заеми во две транши, но нивната исплата ќе зависи од реформите на политиките во областите на фискалното управување, даночната политика, управувањето со јавните инвестиции, јавно-приватните партнерства, деловното опкружување, транспарентноста во државната помош, енергетската ефикасност, реформите во судството и борбата против корупцијата, како и од спроведувањето на програмата на ММФ.
Предлогот-одлуката на Европската комисија на 13 јуни беше одобрена од Европскиот парламент во прво читање, по што сега му се предлага на КОРЕПЕР да ја одобри. За одлуката да биде конечно усвоена, таа треба да биде одобрена од Советот на ЕУ, по што ќе стапи во сила откако ќе биде потпишана на претседателите на Европскиот парламент и на Советот и објавена во Службениот весник на Европската Унија.
Овие реформи ќе ја поддржат Северна Македонија на нејзиниот пат кон членство во ЕУ, се додава во предлогот на Еврокомисијата, при што се посочува дека „Северна Македонија е земја кандидат за членство во ЕУ, која формално ги отвори пристапните преговори со ЕУ во јули 2022 година“.
Во април 2020 година Еврокомисијата усвои предлог-пакет за макрофинансиска помош во износ од 3 милијарди евра наменета за 10 земји кандидати за членство и партнери од соседството наменети за ограничување на економските последици од ковид пандемијата. Одлуката беше усвоена од Европскиот парламент и Советот на ЕУ во мај истата година.
Како дел од овој пакет, ЕУ и додели макрофинансиска помош на земјава во износ од 160 милиони евра. Првата транша од 80 милиони евра беше исплатена во октомври 2020 година, а втората, исто така во износ од 80 милиони евра, во јуни 2021 година, по позитивната оценка од Европската комисија за напредокот постигнат во однос на исполнувањето на условите поврзани со оваа помош.