Одлуката за првиот добитник ќе биде објавена во септември 2025 година

На првиот конкурс за наградата „Оливера Николова“ во „Арс Ламина“ пристигнаа 38 ракописи

На првиот конкурс за наградата „Оливера Николова“ за најдобар необјавен роман за деца и млади, кој беше отворен од 11 март до 11 јуни 2025 година, пристигнаа 38 ракописи.

Наградата, која е востановена од издавачката куќа „Арс Ламина“, со поддршка на семејството на Николова, ќе се доделува секоја година, а право на учество имаат сите полнолетни лица кои ќе пратат необјавен ракопис – роман за деца и млади, напишан на македонски јазик и со кирилско писмо.

Пристигнатите необјавени романи (ракописи), напишани на македонски јазик и со кирилско писмо, ќе ги оценува тричлена комисија составена од: Оливера Ќорвезироска (уредничка и писателка), Весна Мојсова-Чепишевска (универзитетска професорка) и Јагода Михајловска-Георгиева (писателка). Одлуката за првиот добитник ќе биде објавена во септември 2025 година. На посебен свечен настан во организација на издавачката куќа „Арс Ламина“ ќе биде врачено признанието.

Наградата е откупна и се состои од паричен износ од 60.000 денари, статуетка и објавување на романот во посебна едиција на издавачката куќа „Арс Ламина“.

Наградата „Оливера Николова“ за најдобар необјавен роман за деца и млади е востановена на 11 март 2025 година, на денот на раѓањето на Оливера Николова, прв без нејзиното физичко присуство меѓу нас. Николова почина на 3 ноември 2024 година.

Мисијата на наградата е двојна: да се одржи континуитет на големото авторско име на Оливера Николова со симболично творечко надоврзување на нејзината бележита трага во современата македонска книжевност, како и да се ревитализира еден од жанровите во кои Николова создаваше – романот за деца и млади, кој, за жал, подолг период е притеснет помеѓу асиметричниот развој на другите жанрови (сликовниците од една страна и романите за возрасни – од друга).

Романот за деца и млади е мошне значаен во целокупниот процес на созревањето на личноста, во текот на образованието, а и пошироко, во емоционалниот и етичкиот развој на индивидуата, така што се очекува наградата „Оливера Николова“ да го ревитализира жанрот, збогатувајќи ја современата книжевност со нови дела, истакнуваат од „Арс Ламина“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот