Церемонија на доделување на наградите на 58. МТФ „Војдан Чернодрински“

На последната вечер на 58. МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп беа врачени фестивалските награди

Единаесет претстави во продукција на националните театри и пет претстави во придружната програма беа изведени на 58. МТФ „Војдан Чернодрински“, што под мотото „Промени се, промени сè“ се одржа од 7 до 14 јуни во Прилеп, а на последниот фестивалски ден беа објавени и врачени наградите.

Претставата „Црна дупка“ во режија на Љупчо Ѓоргиевски на театарот „Антон Панов“ од Струмица ја освои наградата за уметничко остварување на претставата во целина на 58. МТФ „Војдан Чернодрински“.

Наградите на прес-конференција ги соопшти меѓународното жири во состав Марина Миливојевиќ-Маѓарев, претседател, Марина Катниќ Бакаршиќ и Варја Ѓукиќ, членови.

Струмичката претстава доби уште две награди – и тоа за главна машка улога за Васил Михаил за улогата на Силјан и за женска епизодна за Анкица Бенинова за улогата на Сања.

Прес-конференција на жирито на 58. МТФ „Војдан Чернодрински“

– Претставата „Црна дупка“ има хармоничен однос кон сите елементи на претставата – сценографијата одговара на стилот на претставата, глумата е усогласена со стилот, режисерската е јасна, но не е наметлива, и тоа што е значајно што актерите беа многу професионални и не им влијаеа техничките проблеми што ги имаа. Тие многу одлучно ја водеа својата претстава. Тие покажаа дека ја сакаат својата претстава. И многу е важно да се посочи дека играа дело според авторот во фокус – образложи Марина Миливојевиќ-Маѓарев.

Претстава „Црна дупка“ на театарот „Антон Панов“ од Струмица

Претставата „Иванов“ од Чехов, во режија на Зоја Бузалковска, а продукција на Македонскиот народен театар од Скопје освои дури седум награди. Тоа се: Награда за рекламен материјал – Зоран Кардула; Награда за кореографија и сценски движења – Александар Зарапчиев, инструктор за техника на качување и движење на карпа и Нина Деан; Награда за сценографија – Илина Ангеловска, Тодор Дајевски и Зоја Бузалковска; Награда за машка епизодна улога „Димче Трајковски“ – Ѓорѓи Јолевски за улогата на Лебедев; Награда за главна женска улога – Дарја Ризова за улогата на Саша; Награда за млад актер „Трајко Чоревски“ – Григор Јовановски за улогата на Љвов; и Награда за режија – Зоја Бузалковска.

Наградата за најдобра режија ја доби Зоја Бузалковска

– Сакаме да искажеме задоволство поради можноста да видиме разновидни театарски поетики и жанрови што покажува богатство на продукцијата на современиот театар во Македонија. Посебно сакаме да го нагласиме големиот број на актерски креации на сите генерации актерки и актери. Значајна вредност на фестивалот е инспиративниот театарски амбиент, каде клучен придонес даде публиката. Се заблагодаруваме на целата организација која ни овозможи ваков театарски настан, а посебно тука ги истакнуваме волонтерките и волонтерите – рече актерката Варја Ѓукиќ, член на жирито.

Другите награди на фестивалот ги добија: Награда за музика – Ристо Вртев за „Дупло дно“ на Театарот „Војдан Чернодрински“ – Прилеп; Награда за костимографија – Симон Мачабели и Раде Василев за „Едвард Втори“ на Театар „Јордан Хаџи-Константинов – Џинот“ во копродукција со Драмски театар Масалитинов, Пловдив, Бугарија; Награда за современа сценска драматизација и адаптација – „Франкенштајн“ на Театарот за деца и младинци – Скопје; и Награда за млада актерка – Јована Миладинова за Изабел де Валоа во претставата „Едвард Втори“ – Театар „Јордан Хаџи-Контантинов – Џинот“ Велес и Драмски Театар Масалитинов, Пловдив, Бугарија. Награда за современ драмски текст не се доделува.

Наградата од публиката ја доби претставата „Дупло дно“ на театарот „Војдан Чернодрински“ – Прилеп

Наградата од публиката за најдобра претстава на 58. МТФ „Војдан Чернодрински“ ја доби ансамблот на претставата „Дупло дно“ од Горан Стефановски во режија на Наташа Поплавска во изведба на театарот „Војдан Чернодрински“ – Прилеп.

Жирито додели и специјално признание за колективна актерска игра на ансамблот на претставата „На дното“ од Максим Горки, во режија на Ќендрим Ријани во Народен театар Битола.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 235, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 15-16.6.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!