Прес-конференција за „Џифони Македонија“ / Дарко Башески и Анастасија Јуруковска

На фестивалот „Џифони Македонија“ од 3 до 8 октомври ќе присуствуваат повеќе од 450 млади од осум земји

Повеќе од 450 учесници од осум земји од 3 октомври ќе бидат дел од 12. издание на Филмскиот фестивал за млади „Џифони Македонија“ во Скопје. На добро познатите локации за џифонците – Младински културен центар, Кинотека на Македонија и кино „Милениум“ до 8 октомври тие ќе уживаат во филмската магија, ќе дискутираат, ќе креираат уметност, ќе учествуваат на креативни работилници.

Фестивалот се отвора на 3 октомври, во 19 часот, во киното „Милениум“ со проекција на италијанскиот филм „Последниот пат кога бевме деца“ во режија на комичарот Клаудио Бизио. Влезот е бесплатен, а настанот е отворен за широка публика.

Петнаесет долгометражни филмови во официјална конкуренција и 40-ина краткометражни и анимирани филмови се распределени во три натпреварувачки категории според возраста на учесниците, односно јуниори (6 до 9 одделение), кадети (I и II средно) и сениори (III и IV средно).

– Почнавме скромно пред 12 години и брзо сфативме колку на децата и на младите им е важно да имаат ваков фестивал. Младите сакаат да гледаат филмови, да дискутираат, да им биде чуен гласот. Се радуваме што многу деца пораснаа со нашиот фестивал и продолжуваат да работат на полето на филмот – рече Дарко Башески, директор на фестивалот.

Анастасија Јуруковска е дел од организацијата на фестивалот и самата, со големо искуство на „Џифони“ и во Македонија и во Италија.

– Една од најважните работи и придобивка на овој фестивал е што младите учат да се почитуваат, учат да не се судат меѓу себе. За мене „Џифони“ е огромно искуство и затоа денес волонтирам и сакам да помогнам да вратам и да им го пренесам моето знаење на новите генерации – истакнува Јуруковска.

Од филмовите што ќе бидат прикажани во рамките на фестивалот, учесниците ќе можат да се запознаат и да учествуваат на дискусиите со режисерот на филмот „Сонце мамино“, Коста Ѓорѓевиќ, кој и пред неколку години учествуваше на фестивалот со неговиот прв филм. Ќе гостува режисерка од Ирска со свој краток филм, а меѓу џифонци ќе биде и македонскиот режисер Вардан Тозија, чиј филм „М“ ќе биде прикажан во официјалната програма.

Фестивалот „Џифони Македонија“ секогаш се труди да прикажува најдобар избор на филмови за младата публика и што е можно повеќе филмови за млади од регионот , па така оваа година покрај повеќето европски филмови има играни филмови од Србија, Црна Гора и Косово, а кратките филмови се од целиот свет.

Работилниците се неизбежен дел од програмата и на 12. издание на фестивалот. Годинава ќе се одржат осум креативни работилници што се реализираат со поддршка на Британскиот совет преку проектот „Edu Cuts“, RYCO (Канцеларија за регионална младинска соработка) преку проектот „Creative YEES“ и Институтот за комуникациски студии преку проектот „Младите размислуваат“. Ментори на работилниците се етаблирани режисери, уметници, музичари кои во текот на пет дена со младите учесници ќе работат на развивање на нивната креативност и имагинација.

Секој ден во рамките на фестивалот, во термините од 15:45 и 17 часот, ќе се одржуваат „Edu Cuts“ разговори во рамки на конференцијата на тема „Зајакнување на креативноста на младите“, на која ќе учествуваат млади успешни луѓе што ќе ги споделат своите искуства и визии. Ќе бидат споделени искуства од петте работилници што се одржаа во рамките на фестивалите партнери на овој проект во Србија, Босна и Херцеговина, Косово во изминатите неколку месеци.

Младинската филмска продукција е главната нишка на оваа конференција, па тука ќе бидат претставени разни младински иницијативи и работилници за снимање филмови од млади таленти, како „Докуникулци“ на фестивалот „МакеДокс“, работилницата „Teen Doc“ на фестивалoт „Интеракција“ од Србија, новата скопска филмска дружина „Аспирин продукција“, младата режисерка Грета Торнтон од Ирска, македонскиот јутјубер, креатор и музичар Иван Ајнштајн и др.

Мрежата „Edu Cuts“ ги поврзува филмските фестивали и организации фокусирани на промоцијата и на имплементацијата на образованието и мобилноста на младите таленти. Мрежата е дел од проектот „Култура и креативност за Западен Балкан“, проект поддржан од Европската Унија, чија цел е да го зајакне дијалогот на Западен Балкан, поттикнувајќи ги културните и креативните сектори за зголемено социо-економско влијание.

На конференцијата ќе биде претставена и европската програма за филмска едукација „Cin Ed“ во која членуваат 16 партнери од разни земји, а нашата држава е подготвена да им се придружи.

Фестивалот ќе биде затворен на 8 октомври во киното „Милениум“, кога ќе бидат прогласени победничките филмови во сите натпреварувачки категории, но најважно за учесниците е што ќе се прикажат сите филмови и ќе се изложат сите фотографии, сториборди и цртежи направени од учесниците за време на фестивалот.

– И годинава, во соработка со „Пакомак“, ќе ги мотивираме младите да бидат што повеќе еко-освестени. Заедно смисливме интересен предизвик за учесниците на „Џифони“ во грижата за почиста животна средина, младите ќе ги одлагаат пластичните шишиња во вендинг-машините на „Пакомак“ и преку ЕКОМАК-апликацијата ќе собираат поени. Сите собрани поени на учесниците на фестивалот ќе им бидат удвоени, а оној редовен учесник на фестивалот кој ќе собере најмногу поени, како награда ќе добие патување на фестивалот„Џифони“ во Италија – истакнуваат од „Џифони Македонија“.

Фестивалот „Џифони Македонија“ е поддржан од „Џифони Експириенс“, Агенција за филм, Министерство за култура на Италија и Италијанската амбасада во Скопје, Британски совет преку проектот „Culture and creativity for Western Balkans“, „Youth Cultural Fund“ преку RYCО, „Пакомак“ и други.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот