на денешен ден
На денешен ден / Фото: Инстаграм

На денешен ден – 2 септември: Починал Пјер де Кубертен, обновувач на Олимписките игри според угледот на спортските натпревари во стара Грција

31. п.н.е.- За време на битката во Јонското Море во северозападниот дел на Грција, Римјаните ја победиле здружената флота на римскиот војсководец Марк Антониј и неговата сопруга, египетската кралица Клеопатра VII.

1666.- Во Лондон избил катастрофален пожар. Oгнената стихија за пет дена речиси го уништила градот, вклучувајќи и 97 цркви меѓу кои и катедралата „Свети Павле“.

1838.- Родена е последната хавајска кралица Лилиуокалани. Пацифистичките острови во 1898 година биле анектирани од САД.

1905.- Кај месноста Ѓуров Дол, во близина на селото Ѓавато, Гевгелиско, во борба против триилјадна турска војска, откако го убил турскиот јузубашија, со последниот куршум се самоубил гевгелискиот војвода Леонид Јанков. Борбата, што ја водел заедно со уште неколкумина негови соборци траела цел ден. За херојската борба на Леонид Јанков и ден-денес се пее и се раскажува не само во Гевгелија, туку и низ цела Македонија. Песната „Трба, трби гевгелиска“ му е посветена на овој 27-годишен војвода. Уште како селски чувар, Леонид Јанков соработувал со илинденските востаници и со ВМРО, а учествувавал и во неколку други акции против турската војска. Роден бил во селото Мачуково, Гевгелиско, во 1878 година.

1922.- Во Скопје бил формиран скопскиот спортски клуб „Македонија“.

1930.- Со авионот „Знак прашање“ француските пилоти Диедон Кост и Морис Белонт го извршиле првиот непрекинат лет помеѓу Европа и САД.

1937.- Умрел францускиот историчар и педагог Пјер де Кубертен, обновувач на Олимписките игри според угледот на спортските натпревари во стара Грција. Благодарение на него, во Атина во 1896 година биле одржани првите модерни Олимписки игри. Погребан бил во Женева, а неговото срце по негова желба  било погребано на Олимп, престолнината на античките Олимписки игри.

1941.- Македонскиот поет и револуционер Коле Неделковски, за да не се предаде жив во рацете на бугарската полиција, фрлил бомба и се самоубил, фрлајќи се на улица низ прозорецот од својата соба. Живеел  во стан на шести кат во Софија. Во тој период Неделкоски бил член на една диверзантска група. Најпознати негови дела се збирките песни „Молскавици“ и „Пеш по светот“. Роден бил во селото Војница, Велешко, на 16 декември 1912 година.

1944.- Президиумот на АСНОМ на својата трета седница, што ја одржал во манастирот Свети Прохор Пчински, еден месец по историското Прво заседание на АСНОМ, донесол одлука за основање на телеграфска агенција на Македонија – ТАМ. Оваа агенција одиграла мошне важна улога во ширењето на вистината за праведната борба на македонскиот народ за национално и социјално ослободување.

1945.- На палубата на американскиот брод „Мисури“, во Токискиот Залив, била потпишана безусловна капитулација на царска Јапонија, последната членка на поразените сили во Оската. Со тоа завршила Втората светска војна.

1947.- Во Рио де Женеиро, на иницијатива на САД, бил склучен Рио пактот, воена спогодба на 20 држави од Американскиот континент, кој претставува прва регионална воена спогодба по Втората светска војна.

1973.- Умрел англискиот писател Џон Роналд Руел Толкин, професор по англосаксонски и англиски јазик и книжевност на Оксфордскиот универзитет. Покрај „Хобитот“ и неговото продолжение, трилогијата „Господарот на прстените“ Толкин напишал бројни книги со фиктивна содржина вклучувајќи ги и „Силмарилион“ и други постхумнo издадени книги за неговиот таканаречен „легендариум“, кој во себе вклучувал приказни, фиктивна историја, измислени јазици и други литературни есеи за имагинарниот свет, слободно идентификувано како ‘алтернативно’ далечно минато на нашиот свет.

1991.- Во Скопје било формирано Геронтолошкото друштво на Македонија.

1999.- Кина официјално соопштила дека со вооружена сила ќе го спречи евентуалниот обид на Тајван формално да ја прогласи независноста на островот.

2000.- Умрел Александар Каевски, еден од основоположниците на современата македонска илустрација за деца и млади. Роден бил во 1932 година.

2007.- Националната противпожарна служба на Грција соопштила дека се изгаснати главните пожари кои со денови беснееле на југот на Грција. Огнената стихија уништила околу 190.000 хектари шума и обработливо земјиште. Вкупниот број на жртви изнесувал 65. Штетата од пожарите била проценета на четири милијарди евра, а околу 4.000 луѓе останале без своите куќи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!