
МЗТ брка трета победа над ТФТ за одбрана на титулата
Денеска од 19.30 часот во СРЦ „Кале“ во Скопје ќе се игра третиот натпревар од финалето на плеј-офот во Првата македонска кошаркарска лига помеѓу ТФТ и МЗТ Скопје.
Препорачано
Фактите се на страна на актуелниот бранител на шампионската титула. Реалноста вели дека на МЗТ му е потребна само уште една победа за да го одбрани трофејот кој така упорно го чува во своите витрини во СЦ „Јане Сандански“.
Впрочем, за МЗТ ова ќе биде вкупно 19 финална серија, што е уште поважно, играат по 13 пат по ред „сино-белите“ од Аеродром. Досега победиле во 11 серии (имаат и седум порази во финалето, сите во дуелите со Работнички).
Играчите кои ги предводи тренерот Васко Атанасов да дојдат и до 12. шампионски пехар, или да ја продолжат доминацијата која ја воспоставија во изминатата деценија.
ТФТ пак е во улога на дебитант во вакви серии, а така „делуваа“ момците во „црно-бела“ комбинација на првиот меч од серијата. Беа далеку подобри во втората, но останаа без посакуваниот „брејк“ во СЦ „Јане Сандански“.
Практично го зголемија оној императив, она „морање“ во обидите да се покаже дека ја играат најуспешната сезона од формирањето на клубот, во оној првенствен дел (претходно го освоија Купот на Македонија).
Добра работа за избраниците на Боро Смилковски е што вечерва играат на свој терен каде што немаат таква лоша традиција на порази каква што е напишана низ оние гостувања во Аеродром.
Во мечот од типот „да се биде или не“, и немаат што многу да загубат, затоа што ова е, како што тренерот на тимот од Тафталиџе повеќе пати потенцираше, е сезона над сите нивни очекувања.