
МВР откри како се повредил Турчинот оставен да почине пред болница во Скопје
Полицијата соопшти дека 61-годишниот турски државјанин кој вчера попладне бил донесен пред скопскиот клинички центар со автомобил и оставен пред влезот, по што набргу починал, бил градежен работник кој се повредил во пад од висина, соопшти МВР.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Спротивно на сите етички норми, МВР на „Фејсбук“ објави фотографија (иако замаглена) од човекот како лежи на местото на кое бил оставен пред скопските клиники.
„СВР Скопје го расчисти случајот со турскиот државјанин М.А.О.(61), за кој вчера (23.09.2025) околу 16:40 часот во СВР Скопје од Комплексот клиники „Мајка Тереза“ беше пријавено дека бил донесен со тешки телесни повреди од страна на едно лице со приватно возило, кое откако го оставило повредениот, заминало со возилото, а повредениот набргу починал“, велат од полицијата.
„Од страна на Единицата за насилен криминал при СВР Скопје преземени се соодветни мерки и активности, пронајдено е возилото „Хонда Сивик” и Х.М., кој го донел повредениот во болницата. Извршени се службени разговори и обдукција во Институтот за судска медицина и утврдено е дека починатиот турски државјанин, додека работел на објект во изградба во населбата Стопански Двор во Скопје, паднал од висина“, пишува во полициското соопштение.
За настанот е известен Инспекторатот за труд, како и јавен обвинител.