
Муртезани откри кого спремаат за прв вицепремиер ако Меџити победи во Чаир
Предвремени избори нема да има бидејќи во 2026 година очекуваме резултати од сите проекти и активности на Владата
Предвремени парламентарни избори следната година нема да има, зашто нема никаква потреба за тоа, вели министерот за европски прашања и потпретседател на Алтернатива (дел од „Вреди“), Орхан Муртезани, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1.
Препорачано
На прашање дали, сепак, има контекст којшто може да направи притисок и да ја принуди ВМРО-ДПМНЕ да се реши на таков потег, особено ако ДУИ биде победничка на локалните избори, Муртезани одговара дека владејачкото мнозинство со 76 пратеници е стабилно.
-Ова намерно се лансира од страна на ДУИ, меѓутоа овој дискурс бил неколкупати неуспешен. Веднаш по изборите, сите челници на ДУИ тврдеа дека нема шанси „Вреди“ и ВМРО-ДПМНЕ да направат влада. Направивме влада. После велеа – нема шанси да траат ни 100 дена, поминаа 100 дена. Па, велеа ќе видите после Нова година, готово, ние ќе палиме сè живо и диво, нема да дозволиме оваа влада да помине. Одиме на локални избори. Така што, сè додека тие зборуваат вака, ние ќе продолжиме да победуваме и да владееме, рече Муртезани.
Тој додава и дека предвремени избори би значеле забавување на проектите што веќе ги отпочнала Владата.
-Засега ние не гледаме никаква потреба, бидејќи сите тие мерки коишто владата месеци наназад ги спрема и ги презема, очекуваме првите резултати да се појават во 2026 г. Ако ние одиме на предвремени парламентарни избори, значи дека цела година ќе ја изгубиме, додава Муртезани.
Во однос на најавите за владина реконструкција до крајот на годината, Муртезани посочува дека ќе бидат неопходни ако дел од министрите кои сега се кандидати, бидат избрани за градоначалници.
-Не се знае дали ќе биде реконструкција, бидејќи за реконструкција да биде мора една третина од владата да се смени. Меѓутоа, некои министри ќе бидат сменети бидејќи ќе станат градоначалници. Во овој случај ќе треба нов министер за животна средина и нов министер за демографија, труд и млади. Засега сигурно се знае дека прв вицепремиер ќе биде Беким Сали, нашиот пратеник во Собранието, бидејќи функциите што ги имаше Изет, прв заменик претседател на Владата и министер за животна средина, ќе се разделат. Така што, одредени промени ќе има. Колку ќе бидат тие и какви ќе бидат, засега не знаеме, меѓутоа секако дека одредени промени ќе има, вели Муртезани.
Тој посочува и дека во рамки на владината коалиција веќе е договорено функцијата на Меџити како прв вицепремиер да ја преземе поранешниот министер за здравство и актуелен пратеник Беким Сали. Тоа, како што вели Муртезани, нема да значи уште еден министер во Владата од ВЛЕН, туку раздвојување на функциите – прв вицепремиер и министерската позиција во животна средина.
Во однос на изборната кампања, Муртезани вели дека делата може некого да го направат „орел“ или успешен политичар, а не реториката која служи за закана дека мора да бидеш дел од секоја власт. Во однос на тоа какви прашања доминираат во кампањата кај партиите на Албанците, Муртезани вели дека ВРЕДИ константно говори за проекти, финансирање и буџети, додека ДУИ ги подгрева страстите кај Албанците, сакајќи да ги покријат неспособноста и корупцијата.