Плакат за првото издание на „Културен амалгам“

Mултимедијалниот фестивал „Културен амалгам“ ќе се одржи во четири градови низ државата

Културно-информативниот центар (КИЦ) – Скопје влегува во нова приказна. Овојпат во соработка со сродните културни центри од внатрешнста на Македонија ќе го организира патувачкиот интердисциплинарен и мултимедијален фестивал „Културен амалгам“.

Во својата основа новиот фестивал има за задача да отвори врати кон вистинска и коренита децентрализација на културата во Македонија преку поставување темели на соработка и градење културна свест во различни средини низ различни градови.

Соработката на КИЦ – Скопје со останатите центри, преку меѓуинституционалниот и мултимедијален фестивал треба да постави темел за понатамошно аплицирање на истиот и низ останатите градови низ Македонија, а по примерот на Скопје, Кратово, Крушево и Битола, кои се предвидени за ова прво издание на фестивалот.

Во реализацијата на програмата на првото издание се вклучени Културно-информативен центар – Скопје (23 јули), Дом на културата „Лазар Софијанов“ во Кратово (27 јули), Дом за култура „Наум Наумовски Борче“ во Крушево (6 август) и Центар за култура – Битола. Фестивалот е поддржан од Министерството за култура на РСМ.

На програмата на фестивалот се изложбата на фотографии „24“ на Никола Јовановиќ и проекции на филмовите „Митот за Сара“, „Мангава диско панк“ и „Долу од рајот“ на режисерот Саша Станишиќ.

Никола Јовановиќ е млад фотограф роден во Скопје (2002), кој активно се занимава со фотографија веќе неколку години. Кон крајот на 2020-та година почнува активно да се занимава со портретна и музичка фотографија. Црно-белата фотографија е негов заштитен знак, негува ретростил налик на оној од крајот на 20-от век.

Саша Станишиќ е претставник на новата генерација режисери од Македонија чиј фокус на интерес е сместен на локалните реалистични дискурси кои можат да се протегнат или аплицират по својата универзалност и на други делови од планетата, а неговите партикуларни теми често во себе кријат општа човечка детерминанта. Во филмовите на Станишиќ свој одраз има и неговото претходно образование од книжевната компаративистка, која го збогатува неговиот наративен и интертекстуален пристап.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот