
Муцунски: Измените во законот за надворешни работи ќе ги подобрат условите на македонските дипломати
Откако Собранието вчера ги усвои измените на Законот за надворешни работи, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски денеска истакна дека овие измени се суштински чекор за професионализација на дипломатијата и подобрување на условите за македонските дипломати во странство.
Препорачано
Муцунски денеска нагласи дека со измените се воспоставува јасна законска рамка за професионализација на дипломатската служба и воспоставување на надлежностите на Министерството во областа на надворешната трговија и инвестициите.
-По повеќе од една деценија се прават суштински измени, со кои се воспоставува јасна законска рамка за реализација на два клучни приоритети: професионализација на дипломатската служба и воспоставување на надлежностите на Министерството во областа на надворешната трговија и инвестициите – истакна Муцунски.
Министерот напомена дека измените предвидуваат зголемување на процентот на амбасадори од редот на кариерните дипломати, продолжување на мандатот на упатените дипломати на четири години (наместо досегашните три), како и уредување на процедурата за именување амбасадори и улогата на Собранието во таа постапка.
-Со измените се овозможува Министерството системски да ги преземе обврските поврзани со креирање политики за надворешна трговија и инвестиции – сегмент кој досега не беше институционално прецизиран со ниту еден друг закон. Ова претставува важен чекор кон професионализација на дипломатијата, подобрување на условите за работа на македонските дипломати во странство, како и соодветно позиционирање на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија во делот на надворешната трговија и инвестициите – потенцира Муцунски.
Дополнително, воведена е можност за назначување специјален државен претставник во странство, доколку постои посебен интерес за државата.