
Му пишувате „те молам“ и „благодарам“ на Чет џи-пи-ти? Тоа ја чини компанијата десетици милиони долари
Милиони луѓе ширум светот користат Чат џи-пи-ти (ChatGPT) секој ден, а многумина на шега велат:
-Секогаш пишувам „те молам“ и „благодарам“ кога поставувам прашања за да ме поштедат кога еден ден роботите ќе завладеат со светот. Дали тоа навистина ќе се случи – сè уште не знаеме – но сега знаеме (барем до одреден степен) дека цената на љубезноста кон ChatGPT е прилично голема. Според извршниот директор на „OpenAI“, Сем Алтман, таа се мери во десетици милиони долари.
Препорачано
Извршниот директор на „OpenAI“, Сем Алтман, призна дека зборовите „те молам“ и „благодарам“, кои корисниците често ги користат кога разговараат со четботот, не се евтини за креаторот на ChatGPT. Напротив, овие навидум мали гестови на љубезност ја чинат компанијата десетици милиони долари. Причината? Огромните трошоци за потрошувачката на електрична енергија.
На платформата „X“, еден корисник праша дали учтивото обраќање кон вештачката интелигенција влијае на оперативните трошоци на „OpenAI“. Алтман одговори дека тоа се „добро потрошени десетици милиони долари“, додавајќи: „Никогаш не се знае“.
Колку и да звучи неверојатно, причината е многу логична. Четботовите како „ChatGPT“ се засноваат на голема база јазични модели (LLM), кои бараат комплексна компјутерска инфраструктура сместена во центри за податоци. За да функционираат ефективно, овие модели се потпираат на илјадници графички процесорски единици со високи перформанси (GPU), кои паралелно обработуваат огромни количини на податоци за да им обезбедат на корисниците одговори во реално време.
Напојувањето на таквите центри бара огромни количини електрична енергија. Проценките сугерираат дека создавањето на еден едноставен одговор со вештачка интелигенција – како што е кратка е-пошта или параграф од текст – може да потроши до 0,14 киловат часови (kWh) енергија. Ова е еквивалентно на енергијата потребна за 14 лед-светилки да светат еден час.
Ако се земе предвид дека „ChatGPT“ обработува милиони, па дури и милијарди интеракции секојдневно, кумулативната потрошувачка на енергија станува сериозен фактор. Денес, центрите за податоци на глобално ниво веќе трошат околу два отсто од вкупната електрична енергија во светот, а експертите предупредуваат дека со растот на примената на генеративната вештачка интелигенција, тој удел би можел значително да порасне, пишува „New York Post“.
Интересно е што некои експерти веруваат дека љубезноста кон вештачката интелигенција е дури и неопходна. Тие нагласуваат дека тоа може позитивно да ја обликува интеракцијата.
Куртис Биверс, директор на дизајнерскиот тим на „Microsoft Copilot“, посочува дека учтивите прашања поттикнуваат попријатен и конструктивен тон на одговор.
„Кога вештачката интелигенција препознава љубезност, поверојатно е дека и таа ќе биде љубезна“, се вели во публикацијата „WorkLab“ на „Microsoft“, посветена на интегрирање на вештачката интелигенција во работната средина.
Таквата практика не е ретка. Според едно истражување од 2024 година, дури 67 отсто од американските корисници редовно користат „благодарам“ и „те молам“ кога разговараат со четботови. Од нив, 55 проценти веруваат дека тоа е правилно од етички причини, додека 12 проценти со насмевка признаваат дека го прават тоа – во случај вештачката интелигенција еден ден да се „побуни“.