Насловна корица на книгата „Чекор до амбисот“ во издание на „Дијалог“

Мотивите во песните од книгата „Чекор до амбисот“ од Драгица Најческа се безвременски

Издавачката куќа „Дијалог“ во текот на 2024 година ја објави поетската книга „Чекор до амбисот“ од Драгица Најческа, со што ја продолжи исклучително плодната соработка со авторката чие творештво во 2011 година го објави во шест тома со наслов „Избрани дела“.

Книгата „Чекор до амбисот“ е обемна збирка поезија со околу седумдесетина песни поместени во шест циклуси. Поетесата Елена Пренџова во поговорот на книгата, меѓу другото, пишува дека „…креативното темпо на Најческа е континуирано и плодно, а збирката поезија ’Чекор до амбисот‘ ја збогатува современата македонска литературна сцена со уникатен авторски квалитет…“

– Општиот мотив на песните е мошне актуелен, а воедно и безвременски, односно севременски: мир во светот и вечната борба на себството и Другиот / „ние“ и „тие“ / човекот и нечовекот / народот и власта, поточно борбата на доброто и злото низ метафорите на претходно наведените дуалитети… Видливо е дека поетската реч на поетесата доајенка Драгица Најческа е длабока и разновидна, притоа и интимистичка и филозофско-егзистенцијалистичка… Секоја песна остава длабока мисловна дразба зад себе: Дали сум добар човек? Како да бидам добар човек? Што можам да направам за другите да бидат добри луѓе? А поезијата на Најческа е токму тоа – скоро магична поетска „напивка“ за еден подобар човек во еден подобар свет. Свет со мир. Глобален и душевен. А што, всушност, и е поезијата, ако не стиховен повик за мир, човечност и подобро утре – напиша Пренџова во поговорот на книгата.

Драгица Најческа во македонската литература е првата жена писател што објавила роман – „Пеперуга со натопени крилја“ во 1969 година. Оттогаш таа ги има објавено романите „Друга мајка“, „Крстопати“, „Омраза-длабоко“, „Доживотна јамка“ и „Куќа на езеро“, збирките раскази „Раскази“ и „Потрага по скриеното“, расказите за деца „За глувчето, мачките, за мечките, рипчињата, зајачињата, лисичињата и… дечињата“, како и збирките поезија „Неспокој“, „Вратете ми го сонот“, „И крв и смрт и надеж“ и „Распетие на душите“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 264, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 18-19.01.2025)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот