
Морничаво злосторство во Аргентина: Три девојки мачени, силувани и убиени во пренос во живо на ТикТок
Британски „Сан“ објави потресни детали од морничав инцидент во Буенос Аирес, Аргентина, каде три млади жени по грешка влегле во возило на киднапер и завршиле во рацете на наркокартел. На безбедносни снимки се гледа како белиот пикап застанува покрај тротоарот, а Лара Гутиерез (15), Бренда Дел Кастиљо (20) и Морена Верди (21) мислат дека се качуваат во возило што ќе ги однесе на забава.
Препорачано
Наместо тоа, тие биле однесени во куќа во градот, каде што, според истражителите, биле жртви на „садистичка тортура“. Девојките биле силувани, претепани и погубени. Најстрашниот дел од злосторството е што целата тортура и убиствата биле емитувани во живо преку приватна група, најпрвин на „Тикток“ а потоа на „Инстаграм“.
Министерот за безбедност на Буенос Аирес, Хавиер Алонсо, изјави дека околу 45 луѓе го следеле преносот.

Тортура, убиство и нарко-одмазда
Локалните власти потврдија дека злосторството е дело на меѓународна нарко-банда, која ја користела куќата како база. Според полициската истрага, две од жртвите биле претходно обвинети за кражба на четири килограми кокаин од истата група, што дополнително ја зајакнало верзијата за „нарко-одмазда“.
Телата на трите девојки биле пронајдени пет дена подоцна, закопани во градината на имотот, по траги добиени од нивните мобилни телефони. Полицијата го пронашла и возилото – изгорено и напуштено недалеку од куќата.
Морничавите детали од обдукцијата откриваат екстремна бруталност наведуваат светските медиуми.
Гутиерез била мачена со ампутација на прсти, Дел Кастиљо имала фрактура на черепот и исечен стомак, а Верди била задушена со пластична кеса.
Алонсо потврди дека досега се уапсени четири лица, додека водачот на бандата, перуански државјанин, избегал од земјата.
Министерството за жени и различност на Буенос Аирес го квалификува злосторството како „фемицид и најекстремен израз на родово базирано насилство“. Во соопштението се нагласува дека се работи за „свирепа дехуманизација и суровост“ и е изразено сочувство до семејствата на жртвите.
Платформи под притисок
Овој случај повторно ја отвора дебатата за безбедноста на социјалните мрежи и нивната одговорност во спречување на преноси на насилство. Експертите предупредуваат дека алгоритмите често задоцнето реагираат, додека корисниците се ставаат во улога на неми сведоци на злосторства.
Јавноста во шок
Регионалните медиуми го нарекуваат случајот „најморничавиот пример на злоупотреба на дигиталните платформи во последните години“. Правосудните органи најавуваат истрага и најстроги казни за сторителите.