Во книгата се објавени околу 200 авторски црно-бели и колор фотографии

Монографската публикација „Светлосни записи“ од Цветан Гавровски излезе во издание на „Матица македонска“

Издавачот „Матица македонска“ ја објави монографската публикација „Светлосни записи“, нова книга на Цветан Гавровски, национален мајстор на фотографијата и ЕФИАП (Excellence FIAP) на Светската федерација на фотографска уметност.

Станува збор за издание коешто по својот формат и содржина е ретко во македонскиот културен простор – на 390 страници, со два циклуса, црно-бело и колор се репродуцирани околу 200 авторски фотографии. Во воведниот текст на книгата е авторското видување на фотографијата како ликовно изразно средство, за моќта на фотографијата, размислите за вештачката интелигенција во фотографијата.

Книгата содржи и извадоци од написи за фотографиите на Гавровски од ликовни уметници и историчари на уметноста.

– Книгите од овој тип, особено од автори како Цветан Гавровски, се незаменливо „помагало“ во нашето разбирање на фотографијата и нејзиното прифаќање како дел од уметничкото семејство на визуелните уметности. Во конкретниот случај, фотографиите на Гавровски ни ја откриваат таканаречената лајф или улична фотографија во сета нејзина величественост. Покрај портретот, тој фотографски жанр е веројатно првороденото дете на новооткриениот медиум наречен фотографија, задоволувајќи ја потребата на човекот да го овековечи своето опкружување, светот односно животот околу него – истакнува меѓу другото историчарот на уметноста и ликовен критичар, Златко Теодосиевски, во поговорот на книгата.

Насловна корица на книгата „Светлосни записи“

Книгата „Светлосни записи“ е на македонски и на англиски јазик со што е достапна за поширока публика и отвора можност за интеркултурен дијалог преку визуелната уметност, а истовремено и натамошна афирмација на дострелите на македонската фотографија, преку опитот на нашиот национален мајстор на фотографијата.

Цветан Гавровски (1947) е доктор на технички науки од областа на електрониката. Во професионалната кариера беше редовен професор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Арт-фотографијата е негова длабока посветеност, патување и уметничка визија која се развива низ времето и просторот. Учествувал на над 200 групни изложби во светот. Автор е на 15 самостојни изложби и добитник на многубројни престижни награди на меѓународни компетитивни фотосалони.

Фотографија со наслов „Фотограф“

Гавровски ја претставуваше македонската фотографија со фотографии во колекциите на светските изложби во Кина (1997, 2006), Швајцарија (1999), Италија (2001), Унгарија (2004), Луксембург (2004), Словачка (2008), Ирска (2009), Индонезија (2015), Кореја (2016), Шпанија (2012, 2019). Во 2020 година, „Матица македонска“ ја објави неговата книга „Сликање со светлина“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 298, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 13-14.9.2025)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот