Промоцијата ќе се одржи на 19 мај, во 12 часот, во хотел „Аполонија“

Монографијата „Сергеј Михајлов: живот и дело“ од авторката Наташа Диденко ќе има промоција во Гевгелија

Во рамки на манифестацијата „Град на културата“, во Гевгелија на 19 мај, во 12 часот, во хотел „Аполонија“ ќе се одржи промоција на книгата монографија „Сергеј Михајлов: живот и дело“ од авторката проф. д-р Наташа Диденко.

Станува збор за научен труд кој е посветен на одбележувањето на големиот јубилеј 100 години од изведбата на првата опера во Македонија, „Палјачи“ од италијанскиот композитор Руџеро Леонкавало. Во нејзината подготовка и изведба директно учествувал рускиот имигрант Сергеј Михајлов.

Автор на монографијата е проф. д-р Наташа Диденко, а истата ја има издадено ЈНУ Институт за национална историја при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Скопје. Промотори на книгата се проф. д-р Билјана Ристовска- Јосифовска и акад. Драги Ѓоргиев.

Во монографијата авторката Н. Диденко ни го претставува животописот на рускиот имигрант С. Михајлов човекот кој создал вредни музички дела, но бил и значаен чинител во институционалниот развој на македонската музичка култура во почетниот воен период, пренесувајќи ги своите знаења и искуства. Неговата незапирлива, творечка, уметничка, креативна, музичка и педагошка дејност најпрво дошле до израз во Гевгелија, каде што како музички педагог во Гимназијата го напишал либретото и ја искомпонирал музиката за првата опера за деца „Принцезата Ружа“. По премиерата на операта во Гевгелија, таа била успешно претставена и низ околните градови, меѓу кои и Штип, каде што биле забележани музичките способности на Сергеј Михајлов.

По преселувањето во Штип започнува неговото ново животно поглавје. Со примената на својот трансфер на знаења тој во 1925 г. ја поставил првата опера во Македонија, „Палјачи“ од италијанскиот композитор Руџеро Леонкавало, со што ги поставил никулците за развој на музиката со поголема уметничка вредност.

Забележителните резултати кои ги постигнал со својата неуморна работа, посветеност и љубов кон својата професија придонеле тој да остави траен белег како во колективната меморија на Штип и штипјани, така и во културната историја на Македонија. Како движечка сила на музичката уметност во Штип тој ни го докажал она што го има истакнато старогрчкиот филозоф Платон, а тоа е дека „Музиката му дава душа на универзумот, крилја на умот, лет на имагинацијата и шарм на животот за сè“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот