
Мојсовска со ургенција до МВР и до Обвинителството: Дивоградба во Струга се кренала за уште еден кат
Пратеничката и кандидатка за градоначалник на Струга од Левица, Јована Мојсоска, оцени дека во Струга среде ден незаконски се гради на државно земјиште во самиот центар на градот, а институциите како МВР, Обвинителството и општината остануваат немоќни да реагираат.
Пратеничката и кандидатка за градоначалник на Струга од Левица, Јована Мојсоска, ја отвори темата за дивоградбите во Струга, обвинувајќи дека објект во центарот на чаршијата незаконски се кренал за уште еден спрат и покрај констатираните неправилности и започнатите постапки.
Препорачано
Таа информира преку социјалните мрежи дека минатата недела поднела ургенција за итно постапување до Министерството за внатрешни работи, Основното јавно обвинителство во Струга и до овластениот градежен инспектор во општината, поради тоа што, како што наведува, „и покрај констатирани неправилности во градењето – дивоградбата во струшката чаршија си крена уште еден спрат”.
Мојсоска тврди дека станува збор за уште еден феномен во градот:
„Во Струга се случува и тој феномен, да се узурпира државно земјиште и незаконски да се гради среде бел ден, во центарот на градот, ама ниту МВР ниту Обвинителство, ниту општината не можат да се справат со една дивоградба”.

Во ургенцијата Мојсоска бара продолжување на постапката за бесправно градење објект и узурпација на државно земјиште, нагласувајќи дека и покрај започнатите управни и кривични постапки, изградбата продолжува.
„Оваа дивоградба (која е една од многуте) е олицетворение на комплетниот колапс и коруптивност на системот“, истакнува таа, додавајќи дека проблемот не е во една изолирана институција, туку во „комплетна спрега на непостапување на низа институции: јавното обвинителство во Струга, државните правобранители, општината, вишото јавно обвинителство, МВР итн.“
Мојсоска ја поврза оваа тема со пошироката состојба во земјата.
„Ова само ја потврдува тезата дека во Македонија во секоја сфера е метастазирана корупцијата и беззаконието – а за тоа се виновни сите партии кои биле дел од власта досега“, заклучи таа.