„Мој термин“ контра лекарите што штрајкуваат – телефонскиот број на пациентите се внесува само еднаш

Управата за електронско здравство не отстапува од воведувањето на задолжителната верификација на телефонските броеви на пациентите пред преглед кај матичен лекар и покрај тоа што матичните лекари негодуваат и ја бојкотираат работата. Новината, велат од „Мој термин“ ќе мора да се спроведе. Станува збор за тоа дека на матичните лекари во државата им е наложено да го верификуваат телефонскиот број на пациентите пред преглед.

Во насока на подобрување на достапноста на здравствените услуги за пациентите, во системот Мој Термин е воведена опцијата за верификација на телефонскиот број. Оваа мерка има за цел да обезбеди пациентите навремено да добиваат известувања за закажани термини и други здравствени услуги, со што се намалуваат пропуштените прегледи и се оптимизира функционирањето на здравствениот систем.
Во моментов, процесот сè уште не е задолжителен, но во наредниот период ќе стане обврска при посета кај матичниот лекар, велат од Управата за електронско здравство („Мој термин“).

Сепак, системот предвидува исклучоци во одредени случаи кога во системот без верификација може да се внесуваат итни медицински случаи. Децата и изнемоштените лица можат да бидат верификувани преку друго лице (еден телефонски број за повеќе пациенти). Корисници на мобилната апликација „Мое Здравје“ можат самостојно да ја завршат верификацијата, без вклучување на матичниот лекар.

Важно е да се нагласи дека верификацијата се прави еднократно, што значи дека пациентите треба да го потврдат својот телефонски број само при првиот преглед. Оваа промена се базира на анализи кои покажаа дека значителен број пациенти не се појавуваат на закажаните термини поради неажурирани телефонски броеви. На пример, повеќе од 50% од пациентките со закажани прегледи за дојка не се појавиле, со што биле изгубени термини кои можеле да бидат искористени за други пациенти.
Министерството за здравство и Управата за електронско здравство остануваат посветени на подобрување на пристапот до здравствените услуги и зголемување на ефикасноста на системот, при што сите чекори ќе бидат преземени со соодветна адаптација и исклучоци за категориите пациенти на кои тоа им е потребно, велат од „Мој Термин“.

Матичните лекари на штрајк: Не сме ние телефонски оператори, туку доктори

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот