Димитар Апасеив/ фото: Слободен печат

МОЕ ЛЕТО | Апасиев: Имам фобија од летање, а и кој социјалистички лидер се возел со авион?

Во оваа епизода на „Мое лето“ наш гостин е Димитар Апасиев, лидер на Левица, пратеник и универзитетски професор. Тој ни открива дека повеќе сака планина од море, бил извидник и во една прилика вештините што ги научил како дете на извидничкиот камп многу му помогнале за да се снајде во една многу непријатна ситуација.

-Бевме на Пирин, јас со уште двајца планинари залутавме низ планината, тоа е практично прашума. Почнавме да газиме суви лисја до над колена, фати квечерина и кога почна да се стемнува, нè фати паника. Тогаш се сетив дека некаде видовме жичарница, штом има жичарница, да ги бараме столбовите, тоа ќе ни помогне да го најдеме патот за назад. На крај ги најдовме и се вративме доцна во кампот, сите беа многу исплашени дека нè немало долго – раскажува Апасиев.

Тој неодамна стана татко по втор пат. Одморот оваа година не е изводлив со толку мало бебе.

-Тешко оваа година да одиме некаде на одмор, можеби накратко некој викенд, но Сара е уште многу мала. Исак ќе го пуштиме со баба и дедо на море – вели тој.

Што има толку посебно во грчкиот град што го „влече“ лидерот на Левица, Димитар Апасиев, секое лето со семејството да оди во Кавала, тој открива во  „Мое лето“ .

-Кога бев студент за првпат се сретнав со градот Кавала од далеку. Паметам требаше во Грција да бидеме дел од летна програма, патувавме со воз, нè фати невреме и поради паднато дрво на пругата моравме да се прикачиме во автобус за да нè префрлат до местото каде што патувавме. Тогаш од далеку го забележав убавиот град, прашав кое е тоа место и еден Грк ми кажа дека се вика Кавала. Ми остана врежано во глава. Години потоа ѝ предложив на мојата сопруга да одиме за првпат таму на одмор. Оттогаш секоја година одиме во Кавала на одмор. Исак веќе знае кај му е најубавата слаткарница, каде му е играчницата, сè си знае. Градот го знае како Штип, како Аеродром што го знае, така ја знае Кавала – вели Апасиев.

Димитар Апасеив/ фото: Слободен печат

Имал прилика да лета за Куба и Кина, но поради актуелните политички ангажмани морал да ги одложи патувањата, за разлика од некои од неговите сопартијци.

-Добивме покана од комунистичка партија за во Куба сега за октомври, но ја откажавме, но ќе има прилика. Инаку имам фобија од летање. Летам само кога морам. Вообичаено, ако мора, сакам да е директен лет, некако тој превоз ми е непријатен. Атентат најлесно може во авион да се направи. А и ако тргне нешто наопаку, секако знаеш дека не можеш да се спасиш, за разлика со друг превоз кога постојат шанси. Па и кога ќе размислам, ниту еден социјалистички лидер не летал со авион – вели низ смеа нашиот соговорник.

За време на летото, Апасиев, во фрижидер го чува омилениот пијалак, а во нашата емисија ќе дознаете кој е. Апасиев открива и кое е неговото хоби, а е поврзано со животни.

Гледајте ја вечерва во 19 часот новата епизода на „Мое лето“ на јутјуб-каналот на „Слободен печат“.
Водител и автор на емисијата е Александра Вуксановиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот