МНР: Шпекулации се објавените информации за употребата на македонскиот јазик во ОН

Министерство за надворешни работи на Република Северна Македонија Фото: МИА

По однос на објавените шпекулации за употребата на македонскиот јазик во рамки на Обединетите нации, Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија информира дека единствениот референтен документ на ООН за главните обележја и податоци за земјите е UNTERM (кратко од UN Terminology). Објавените информации, се оценува во соопштението од МНР, преставуваат злонамерни шпекулации, чии намери се да создаваат непотребно вознемирување на јавноста и не одат во прилог на интересите на Северна Македонија.

Во документот на UNTERM, како што се наведува во соопштението, се дадени основните информации за секоја земја: официјалното име, кратко име, јазик на држава, назив на валута, ISO кодовите и др. Линкот на UNTERM за личната карта на земјата е секогаш достапен онлајн и на него може да пристапи секој. (Линк: https://unterm.un.org/UNTERM/Display/Record/UNHQ/NA/1c98d616-3b6a-4d15-a7cb-f88c7f988b83)

Секретаријатот на ООН, како и сите негови тела е обврзан да се придржува и да ги почитува податоците изнесени во истиот (UNTERM). Вработените во Секретаријатот на ОН немаат надлежност за толкување на вакви прашања. Секретаријатот на ОН раководи и има надлежност во менаџирањето на прашањата околу употребата на шесте официјални јазици на Организацијата (англиски, француски, шпански, арапски, кинески и руски).

Постојаната Мисија на Северна Македонија при ОН во Њујорк, одржува редовни средби со претставници на Секретаријатот на ОН, и во таа насока нема никакви индиции што одат во прилог на објавените шпекулации.

-Согласно појавениот интерес на јавноста, нашата мисија во Њујорк стапи во контакт со претставници на Секретаријатот, од каде дополнително и официјално ни беше потврдена важечката пракса и регулатива преку која категорично ги отфрлаат сите шпекулации изнесени во медиумите за наводна „внатрешна инструкција во ООН за начинот на користење на терминот – Македонски јазик”, се наведува во соопштението на МНР.

Од МНР посочуваат дека објавените информации преставуваат злонамерни шпекулации, чии намери се да создаваат непотребно вознемирување на јавноста, и не одат во прилог на интересите на Северна Македонија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот