МНР - Министерство за надворешни работи - зграда / Фото: Слободен печа / Драган Митрески

МНР: На амбасадорите им заврши мандатот, не се отповикани

Преку официјалниот интерен комуникациски систем, досега девет амбасадори се известени за завршувањето на нивниот мандат. Во наредниот период се очекува Претседателот да ги потпише указите за нивно отповикување – велат од МНР

Во врска со информациите што утринава беа објавени за отповикување на амбасадори, станува збор за неточни наводи кои воопшто не соодветствуваат со фактичката состојба, сооппшти Министерството за надворешни работи.

– Во однос на постапката за отповикување на определен број амбасадори, информираме дека Министерството е во редовна и континуирана комуникација со Кабинетот на Претседателот на државата. Преку официјалниот интерен комуникациски систем, досега девет амбасадори се известени за завршувањето на нивниот мандат. Во наредниот период се очекува Претседателот да ги потпише указите за нивно отповикување – велат од МНР.

Муцунски ги отповика амбасадорите поставени од Пендаровски

Министерството нагласува дека целата институционална координација и комуникација, вклучително и онаа со дипломатско-конзуларните претставништва, се одвива исклучиво преку заштитен интерен систем, а не преку електронска пошта.

Оттаму укажуваат дека во последниот период на социјалните мрежи и во некои медиуми зачестено се појавуваат фабрикувани и неточни фотографии од наводна имејл комуникација меѓу вработени во Министерството.

-Со цел расчистување и соодветно процесуирање на овие појави, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија веќе достави пријава и побара интервенција од Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи – велат од Министерството.

Во оваа прилика Министерството ги повикува медиумите пред објавување на каква било информација поврзана со надлежностите и работата на Министерството, претходно да ја проверат нејзината автентичност и веродостојност.

Претходно, беше објавено дека отповикани се амбасадорите Мето Белески, Брисел, Катерина Ставревска, Лондон, Зеќир Рамчиловиќ, Подгорица, Пајо Авировиќ, ОБСЕ, Емил Крстевски, Прага, Јакуп Реџепи, Сараево, Агнеза Руси, Софија, Џенк Сејфула, Стокхолм, поради неисполнувањето на член 39 од Законот за надворешни работи затоа што не ги претставиле дипломатските тези пред собраниската Комисија за надворешна политика пред да бидат упатени за амбасадори.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот